На реакција од ДУИ дека се води антиалбанска политика и дека власта има двојни стандарди во образованието затоа што пред две години во Аеродром деца на приредба биле облечени како комити и „изведувале воени поздрави“, Јаневска одговори дека комитите се дел од историјата на државата Македонија. Според неа, војската УЧК и нејзините симболи „за оваа држава не значат ништо“
Праќањето инспекција во училиштето „7 Март“ во тетовско Челопек, каде што на приредба ученици биле облечени во воена униформа со амблеми на УЧК и со пушки во рацете, е законско постапување и очекувам инспекторите да работат по закон, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Таа додаде дека, покрај во ова училиште, МОН има докази и фотографии со пријави за вакви настани во две училишта во Тетово и во училишта во Чаир и Струга и дека инспекција ќе има и за тие случаи.
„Просветниот инспекторат е тргнат во училиштето во Челопек. Дополнително, имавме пријави за училиште во Чаир, две училишта во Тетово и училиште во Струга. Во сите тие училишта за кои имаме докази со слики и со пријави дека се случувал таков немил настан, Просветниот инспекторат е на терен и очекуваме кога ќе се вратат да ги дадат првичните информации. За да се изготват записници ќе треба малку подолго време“,
изјави Јаневска за медиумите при денешната посета на Штип.
Според неа, политиката најмалку треба да ја има во училиштата. Јаневска најави дека ќе ги повика инспекторите на одговорност доколку не постапат по закон, но, како што нагласи, не се сомнева во тоа.
На реакција од ДУИ дека се води антиалбанска политика и дека власта има двојни стандарди во образованието затоа што пред две години во Аеродром деца на приредба биле облечени како комити и изведувале воени поздрави, Јаневска одговори дека комитите се дел од историјата на државата Македонија.
„Ја разбирам политиката на ДУИ и дека грчевито се обидуваат да ја поткренат својата позиција во општеството, но начинот е крајно погрешен. Како политичка партија имаат право на преземање некакви акции, но никако преку децата и училиштата и никако со понижување на државните симболи и со воведување милитаризам во училиштата. Комитите се дел од историјата на државата Македонија и како тема се застапени во наставните програми. Комити биле и Македонци, и Албанци, и Турци и други етникуми. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби се бореле во Втората светска војна против заеднички непријател. Ние тие луѓе треба да ги чествуваме, тие луѓе кои се бореле за слобода, за сопствена држава и за просперитетот на сопствената држава“,
рече Јаневска и додаде дека воспитувачката од градинката од Аеродром, што ја организирала таа приредба, била отпуштена од работа и се уште е на суд.
Како што рече министерката, војската УЧК и нејзините симболи „за оваа држава не значат ништо“ и децата во земјава треба „да растат во духот на патриотизмот, чествување на традицијата, почитување на различностите и на градење силни демократски вредности кои никого нема да повредуваат и нема да навредуваат ничии чувства“.
„Оттука, цврсто стојам на ставот дека овој случај, односно сега станаа повеќе, треба да се расчисти… Војската УЧК и нејзините симболи за оваа држава не значат ништо. Во оваа држава, војната, конфликтот, кој како сака нека го нарече, предизвика жртви на сите инволвирани страни. Сите мајки исто плачат, сите мајки исто жалат. Наместо да се потрудиме да го заборавиме тој конфликт, каков и да бил и од која причина да бил, и да ги образоваме децата, ние малите деца, тоа се мали деца од видеото што го гледавте, ги учиме на воинственост, на држење оружје, некакви позиции на стрелање, дополнително на нешто што не е поврзано со нашата историја“,
истакна Јаневска.
Инаку, за случајот со приредбата во Челопек во саботата информира самата министерка, притоа изразувајќи загриженост и разочараност од раководството на училиштето, наставниците и родителите.
„Апелирам до сите останати училишта да се оградуваат од вакви активности, да промовираат вистински човечки вредности и да се заложат да градат генерации опремени со знаење, а не со оружје. Генерации кои ќе ја сакаат земјата во која се родиле и растат и ќе ги почитуваат другите независно на етничката, верската или каква било друга разлика. Тоа е вистинската цел поради која се отвораат и постојат училиштата“,
напиша Јаневска во саботата на Фејсбук.
Видеото од приредбата, кое беше објавено на фејсбук-страницата на училиштето, е повлечено од социјалните мрежи.
