Од градската управа посочија и дека анализата со предлог-решение и одлуки ќе се презентира на 16 декември пред истиот состав од денешниот координативен состанок. Потоа членовите на Советот на Град Скопје ќе имаат можност да се изјаснат со носење одлука со која ќе се изврши корекција на надоместокот за приватните превозници
Приватните превозници од утре повторно ќе учествуваат во јавниот градски превоз, а од понеделник нема да ги блокираат улиците, како што претходно најавија. На денешната координативна средба во Градот Скопје е постигнат договор во рок од 15 дена да се направи анализа во која ќе се утврди колку точно ќе изнесува зголемувањето на цената по километар за приватните превозници. Новите цени би се применувале од 1 јануари следната година.

„Анализата ќе се прави од страна на експерти и вешти лица, претставници од стручните служби на Град Скопје од соодветните сектори, а ќе се земат предвид поднесените податоци од страна на претставниците на приватните превозници. Во анализата треба да се утврдат реалните трошоци за извршување на услугата на јавен превоз“,
се вели во соопштението од Град Скопје.
Оттаму посочија и дека анализата со предлог решение и одлуки ќе се презентира на 16 декември пред истиот состав од денешниот координативен состанок. Потоа, членовите на Советот на Град Скопје ќе имаат можност да се изјаснат со носење на одлука со која ќе се изврши корекција на надоместокот за приватните превозници.
На вчерашната седница на Советот на Град Скопје по многубројни кавги и препукувања, советниците на ВМРО-ДПМНЕ изгласаа заклучок за покачување на цената од 30 денари по изминат километар, но истата од страна на Град Скопје беше отфрлена како невалидна, бидејќи немало кворум, ниту соодветни анализи.
Итна седница на Советот на Град Скопје беше свикана вчера откако завчера јавниот градски превоз повторно се најде во фокусот на јавноста поради најавата на приватните превозници дека доколку не се исполни нивното барање за зголемување на цената за изминат километар, од понеделник ќе ги блокираат улиците.
Тие ги исклучија автобусите од сообраќај во знак на револт поради тоа што нивното барање за зголемување на цената за изминат километар не се најде на дневен ред на редовната седницата на Советот на Град Скопје.