За нас прашањето за македонскиот јазик е затворено и кај нас и во светот, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.
Тој истакна дека повеќето од прашањата што ја рефлектираат позицијата што соседна Бугарија ја усвои во нивниот парламент тогаш кога имаа локални избори минатата есен, според нас, излегуваат вон, а често се и спротивни на одредбите на Договорот за добрососедство.
Димитров рече и дека имал телефонски разговор со министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, во кој тој ги презентирал нашите, а таа нивните позиции.

„За нас прашањето на македонскиот јазик е затворено и кај нас и во светот и многу тешко ќе биде да се гради блискост и пријателство ако на таков тип на прашања имаме предизвик од соседот. Мислам дека тоа оди во друга насока. Во самиот Договор за пријателство, соработка и добрососедство во преамбулата се зборува за меѓусебна почит. Македонскиот јазик во тој билатерален договор има апсолутно иста позиција и статус со бугарскиот јазик. И клаузулата за јазиците вели ’овој договор е напишан на македонски јазик согласно Уставот на тогаш Република Македонија и на бугарски јазик согласно Уставот на Република Бугарија‘. Таа формулација важи само за билатералните односи“,
наведе Димитров.
Нашата лична карта во ООН и во Преспанскиот договор, потенцира министерот, е затворено прашање и во меѓународното право државите не признаваат јазици.
„Тоа е прашање на нашето самоизјаснување и самоопределување. Мислам дека ако успееме да се вратиме на позитивниот колосек ова прашање мора да се надмине. Тоа е крајно непродуктивно прашање. За нас апсолутно навредливо и мислам дека тој обид да се отвори прашање што е затворено не може да успее во 2020 во Европа. Истовремено не е ниту на линија на европските вредности“,
рече Димитров.
Тој порача и дека ниту една држава нема правна основа нам да ни кажува сега нешто во однос на нашето име и македонскиот јазик.
Димитров во емисијата зборуваше и за тоа дека се потребни парламентарни избори за да добиеме влада со полн политички мандат, а исто и Собрание.
Сакаме, рече министерот, во втората половина на 2020 г. да ги почнеме пристапните преговори со ЕУ, Европската комисија најавува дека ќе излезе со преговарачка рамка, па затоа ни треба Влада со полн политички мандат за да решава проблеми, да креира политики…
„Во мојот ресор поради девет одложувања на Комисијата за надворешна политика не испративме девет амбасадори кои ги завршија подготовките и со тоа се праќаат погрешни сигнали кон земјата каде тие луѓе треба да ја претставуваат татковината“,
укажа Димитров.
Нашето демократско досие во Брисел, потенцираше, е далеку над тоа дали сме способни да имаме демократски избори и не смееме да си дозволиме создавање такви сомнежи во ваква ситуација.