Приватниците апелираат до градоначалничката Данела Арсовска, советниците и Владата на заеднички состанок да најдат решение за нивното барање за зголемување на цената на изминат километар

Дел од приватните автобуски превозници од денеска повторно ќе сообраќаат по скопските улици. Возачите велат дека во сообраќај ќе бидат пуштени оние превозници што имаат финансиски можности и тие ќе возат во раните утрински часови.
Приватниците апелираат до градоначалничката Данела Арсовска, советниците и Владата на заеднички состанок да најдат решение за нивното барање за зголемување на цената на изминат километар.
„Приватните превозници ќе го дадат својот максимум и ќе се вклучиме во раните утрински часови онолку колку што можеме, не со целиот капацитет со цел за неколку дена да им излеземе во пресрет на граѓаните во градот Скопје. Воедно, ја користиме оваа можност да се обратиме до сите советници во Градот Скопје – ве молиме со консензус да изгласате покачување на цената за изминат километар со цел подобрување на состојбата во јавниот градски превоз. Со покачена цена се обврзуваме да го обновиме нашиот возен парк со еколошки климатизирани автобуси“,
изјави Јовица Зафировски.
Приватните превозници, според Зафировски, имаат 200 автобуси и можат да го покријат недостигот на автобуси од ЈСП „Скопје“ доколку се најде заеднички прифатливо решение со Градот.
До нормализирање на јавниот градски превоз дојде во петокот откако претходните денови автобусите на ЈСП „Скопје“ не возеа поради немање нафта. Од четвртокот вечерта со одлука на Владата, на ЈСП „Скопје“ му беа дадени на позајмица количини на нафта од државните резерви.
Нафтата што ЈСП „Скопје“ ќе ја користи од државните резерви е доволна за до крајот на оваа недела, а дотогаш треба да се реализира ургентна набавка преку Бирото за јавни набавки.
Советот на Град Скопје, во четвртокот, донесе заклучок во координација со ЗЕЛС, да продолжат разговорите со Град Скопје за нормализирање на состојбите во превозот.
Премиерот Христијан Мицкоски најави можност за набавка на нови електрична автобуси кои очекува да сообраќаат во јавниот градски превоз во градовите кои имаат организирано таков превоз.
Нагласи дека најголем дел од електричните автобуси би биле наменети за Градот Скопје.