Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска реобјави совети од Светската здравствена организација (СЗО) за претстојното лето со ковид-19. Оттаму потенцираат дека досега нема докази дека топлото време спречува или штити од зараза со новиот коронавирус, а со оглед дека високите температури може негативно да влијаат на здравјето, советуваат да се внимава.
„Избегнувајте изложеност на сонце или на температури повисоки од 25 °C, бидејќи нема докази дека ова спречува или лекува ковид-19 и го зголемува ризикот од сончање и болести поврзани со топлината. Може да го фатите ковид-19 без оглед колку е сончево или топло времето, затоа заштитувајте се себе си и другите со тоа што редовно ќе ги миете рацете, кашлате во преклопен лакт или ткиво и избегнувајте допирање на лицето“,
советуваат од СЗО.
Да се избегнува излегување и напорна физичка активност за време на најжешкото време од денот, да се седи во сенка и по можност да се поминуваат 2-3 часа на ладно место, но и да се држи физичко растојание, се дел од листата совети.
Потаму, се даваат стандардните совети за лето односно да се користи лесна облека, да се пие вода, а да се избегнуваат пијалаци со шеќер, алкохол или кофеин.
„Одржувајте го Вашиот дом ладен. Користете го ноќниот воздух за да го оладите вашиот дом. Намалете ја оптовареноста на топлина во станот или куќата во текот на денот со користење на ролетни и исклучувајте што е можно повеќе електрични уреди“,
советуваат здравствените експерти.
СЗО ги советува европските земји да развијат и имплементираат планови за дејствување на топлина. Овие планови имаат за цел да ги спречат, реагираат и содржат ризиците поврзани со топлината врз здравјето и истите треба да вклучуваат мерки за долгорочна превенција, среднорочна подготовка и краткорочни итни мерки.
„Особено оваа година се препорачува да се прегледаат дури и постојните акциони планови за заштита на здравјето, за да се земат предвид воспоставените мерки за намалување и спречување на пренесување на ковид-19“,
потенцираат од СЗО.
