Гледано по градови, најмногу се вакцинирале во Скопје – 19 722 лица. За споредба, лани во Скопје биле вакцинирани 17 346 лица, што покажува нагорен тренд на интересот за вакцинација
Годинава рекорден број лица се пријавиле за бесплатна вакцинација и се вакцинирале против сезонски грип, покажуваат податоците на Управата за електронско здравсто, соопшти на денешната прес-конференција, заменик-министерот за здравство Јовица Андовски денеска. Имено, преку апликацијата vakcinacija.mk, досега биле пријавени 75 712 лица и биле вакцинирани 66 674 граѓани.
„Ова е рекорден број пријавени и вакцинирани лица кои сакаат да се заштитат од посериозни компликации од сезонскиот грип. Статистиката покажува дека, од вкупниот број вакцинирани, речиси 42 илјади се лица над 65 години, 21 784 се лица со хронични заболувања, 2 334 здравствени работници, како и 29 деца на возраст од 6 месеци до 5 години и 24 бремени жени“,
појасни Андовски.

Гледано по градови, рекордер е Скопје со 19 722 вакцинирани лица. За споредба, лани во Скопје биле вакцинирани 17 346 лица, што покажува нагорен тренд на интересот за вакцинација.
„Во Битола, досега, вакцина против сезонски грип примиле пет илјади граѓани, а лани таа бројка изнесувала 4 600 лица. Во Велес исто така се бележи зголемување на бројот на вакцинирани, и тоа од 2 480 лица лани, годинава се вакцинирале 2 749 лица. Во Гостивар, исто така, има зголемување на бројот на вакцинирани. Досега вакцина примиле 2 175 лица, а лани биле вакцинирани 1 849 лица. Исто така, во Кавадарци се забележува зголемен интерес, односно годинава се вакцинирале речиси две илјади лица, а лани биле регистрирани 1 583 вакцинирани против сезонски грип“,
додаде заменик-министерот за здравство.
Бидејќи сезоната на грип е во тек, како што нагласи Андовски, клучна е навремената заштита, посебно кај ризичните групи население.
„Според податоци од Институтот за јавно здравје на неделно ниво се регистрирани 67 седум случаи на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грипот. Тоа претставува за 42,6 отсто повеќе во споредба со претходната недела, додека во однос на моделот за последните 14 сезони, се регистрира зголемување од 4,2 отсто“,
рече Андовски.
Според него, во зимскиот период се очекува зголемување на бројот на заболени од грип. Андовски потсети дека лани од грип починале 14 лица.
„За среќа, годинава, се уште нема регистрирано починати лица во државата. За тоа во голема мера придонесува навремената заштита, посебно, како што споменав, навреме вакцина треба да примат ризичните групи население, како што се: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица“,
нагласи тој.
Андовски објасни дека граѓаните кои успешно се пријавиле за вакцинација, но, заради некоја причина, не добиле СМС порака и не дошле на закажаниот термин, треба веднаш да се обратат кај својот матичен лекар каде ќе добијат инфо за пунктот за вакцинација и времето кога да дојдат да се вакцинираат.
Заинтересираните се уште можат да се пријават за вакцинација против сезонски грип преку апликацијата vakcinacija.mk, co цел навреме да се заштитат од можни посериозни компликации од ова заболување.