Во случај на зголемено аерозагадување, од работа ќе се ослободуваат ранливите категории граѓани – бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со малигни заболувања
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информира дека во случаи на надминување на прагот на алармирање за нивото на аерозагадување во земјава, на територија на општините и Градот Скопје ќе се применуваат засилени мерки со цел намалување на емисиите на загадувачки супстанци.

Во Акцискиот план со краткорочни мерки усвоен од Владата, како што посочуваат од Министерството, меѓу другото, се и зајакнати контроли на возилата. Според најавите, сообраќајната полиција ќе спроведува засилени и вонредни контроли на возилата за да се утврди нивната техничка исправност за емисијата на издувни гасови. Ваквата мерка, според Министерството, ќе помогне да се намали аерозагадувањето предизвикано од сообраќајот.
Во мерките е предвидено и воведување на посебен сообраќаен режим за тешки товарни возила кои, како што посочуваат од МЖСПП, во соработка на општините и Градот Скопје со МВР, ќе бидат пренасочувани кон обиколните патишта со цел намалување на сообраќајот во урбаните средини.
Ќе се намали и употребата на службени возила.
„Сите органи на државна управа, агенции, фондови, бироа, заводи, јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, како и единиците на локалната самоуправа, се задолжени да ја намалат употребата на службените возила до 50 отсто. Оваа мерка има за цел да го намали службениот сообраќај и емисиите од него“,
велат од Министерството за животна средина.
Во мерките од Акцискиот план предвидена е и забрана за дотур на стока и транспорт на градежни машини – багери, булдожери, виљушкари – во период од 7:30 до 18:00 часот. Контрола за спроведувањето на мерката, која треба да се извршува по задолжение на општините и Градот Скопје, ќе врши МВР.
„Оваа мерка е со цел да се намали сообраќајниот метеж и емисиите во најфреквентните часови“,
посочуваат од Животна средина.
Во случај на зголемено аерозагадување, од работа ќе се ослободуваат ранливите категории на граѓани – бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со малигни заболувања, хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без оглед на возраста, со препорака од матичен лекар.
„Понатаму, сите работодавци се задолжени да го реорганизираат работното време за лицата кои работат на отворено. Работните активности треба да се извршуваат во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Дополнително, работодавците се должни да обезбедат заштитни маски тип КН-95 или најмалку ФФП-2 за своите работници“,
велат од Министерството.
Во Акцискиот план на Владата се предвидени мерки за намалување на капацитетот на инсталациите со А-интегрирана еколошка дозвола, како и вонредни контроли на овие инсталации. Вонредни контроли ќе се вршат и на правните субјекти со Б-интегрирана еколошка дозвола и на градилиштата.
„Инсталациите кои поседуваат А-интегрирана еколошка дозвола се задолжени да го намалат капацитетот на производство, а притоа да внимаваат со ограничувањата, за да не се прекине или значително намали технолошкиот процес кој се одвива континуирано, или дејноста која би предизвикала значителна штета за правниот субјект или негативно влијание врз животната средина и јавните услуги. Исклучок од оваа мерка се инсталациите кои произведуваат топлинска и електрична енергија“,
појаснуваат од МЖСПП.
Од Министерството за животна средина апелираат на целосно почитување и имплементација на мерките и додаваат оти ќе продолжат активно да ја следат состојбата со квалитетот на воздухот.
