Пред да ја извршува актуелната министерска функција, Томислав Момировиќ беше министер за градежништво во владата на Ана Брнабиќ од 2020 до 2022 година, по што во два мандати беше избран за министер за внатрешна и надворешна трговија
Министерот за внатрешна и надворешна трговија на Србија, Томислав Момировиќ, поднесе оставка поради несреќата во Нови Сад, јави Радио-телевизија Србија (РТС).

„Ве известувам дека поднесувам оставка од функцијата министер за внатрешна и надворешна трговија. Благодарен сум на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, за довербата. Секогаш сум тука за него и за Србија“,
навел министерот Момировиќ во писмената оставка поднесена до премиерот на Србија, Милош Вучевиќ.
Пред да ја извршува актуелната министерска функција, Томислав Момировиќ беше министер за градежништво, транспорт и инфраструктура во владата на Ана Брнабиќ од 2020 до 2022 година, по што во два мандати беше избран за министер за внатрешна и надворешна трговија.
Ова е втора оставка во Владата на Србија поради уривањето на бетонската натстрешница на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица. Четири дена по несреќата оставка поднесе министерот за градежништво Горан Весиќ, но рече дека тоа го прави од морални причини и дека не ја прифаќа вината.