Првиот вицепремиер и министер за животна средина вели оти косовскиот премиер не кажал ништо посебно, освен дека во земјава нема закон за албанскиот јазик, туку закон за јазиците, со што, како што рече, целосно се согласува
Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити ја оцени за хистерична реакцијата на неговата поранешна матична партија ДУИ во врска со изјавата на косовскиот премиер Албин Курти од пред два дена за претстојната одлука на Уставниот суд за законот за јазиците.

Меџити вели оти косовскиот премиер не кажал ништо посебно, освен дека во земјава нема закон за албанскиот јазик, туку закон за јазиците, со што, како што рече министерот, целосно се согласува.
„Хистерични се. За да сфатите како реагираат ДУИ на овие работи – министрите на ДУИ во минатата влада имаат дадено писмено мислење во врска со балансерот и сите до еден дадоа негативно мислење дека на балансерот му е поминат рокот, дека е несоодветен механизам, и истите тие, кога се укина од Уставниот суд, од судии кои беа избрани од нивното мнозинство – излегуваат и протестираат зошто се укинува. А, самите го барале тоа. Значи, луѓето се во паника, немаат визија и никако да се соочат со новата реалност дека се во тешка опозиција“,
изјави Меџити одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на „Народните правобранители и националните институции за човекови права и животната средина“.
Претставници и функционери на партиите и коалициите на Албанците од власта и опозицијата во земјава со дијаметрално спротивставени наративи вчера ја коментираа и оценија изјавата на косовскиот премиер Албин Курти во врска со претстојната одлука на Уставниот суд на Северна Македонија за законот за јазиците.
Додека опозиционерите го критикуваа Курти, претставниците на партиите на Албанците од власта ја оценија за коректна изјавата на косовскиот премиер во која тој кажа дека треба да се почека одлуката на Уставниот суд, кој, според него, нема да направи ниту исклучување ниту дискриминација и го почитува повеќејазичниот карактер во земјата.