За тоа каков буџет наследи новата влада има факти, тоа се бројки кои можат да се проверат. Затоа не реагирав кога ги слушав обвинувачките изјави, вели поранешниот министер за финансии Фатмир Бесими во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

На прашањето зошто во јули немаше реакција на изјавите од неговата наследничка на функцијата министер за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, поранешниот министер Фатмир Бесими вели дека сметал оти на новата влада ѝ било потребно време да ги согледа работите. „Лошата состојба со буџетот ги надмина очекувањата на новата влада, буџет кој е список на желби наместо креиран развој, економија во клиничка смрт“ – се само дел од оценките што Димитриеска-Кочоска ги кажа при презентирањето на ребалансот на буџетот за оваа година.
„Вообичаено, кога сум бил на функција, освен тоа што сум сметал дека мора да постои транспарентност, треба да има постојани информации наместо сензации и во овој контекст мислам дека со тек на време, голем дел од работите веќе добиваат појасна слика во однос на тоа како беше. Еве и во предлог-буџетите во однос на позициите за раст. На пример, се сеќавате, на 14 октомври, пред еден месец, Државниот завод за статистика излезе со соопштение за БДП за 2023 г. со раст од 2,1%. Ќе ве потсетам на април, кога излегоа, беше со 1% раст, значи голема дискрепанца во податоците. Во однос на политиките и во однос на фискалната консолидација и тоа што сме направиле, постојат факти“,
рече Бесими.
За критиките дека дури 71% од проектираниот дефицит за целата година бил потрошен во првите шест месеци, Бесими одговара:
„Тоа не е ништо невообичаено. Ву буџетот имате годишен план и имате управување со ликвидноста на буџетот, што е трезорот. Друго е буџетот, каде што е план и тоа е по сила на законот. Собранието ѝ дава право на Владата во име на граѓаните да ги троши парите. Владата преку законите, односно даноците и другите приходи, преку УЈП и Царина, собира пари и ги распределува, како што има одобрение од Собранието. Потоа, имате трезор, реални пари. Треба УЈП да ги наплати, влегуваат во буџет и тие пари се трошат за плаќање на фактури кои пристигнуваат од институции или за плати итн. Ова е трезор. Затоа што имате циклуси во текот на месецот кога се плаќаат даноците, имате циклуси кога се даваат пензии и плати итн., имате циклуси со дисбаланс“.
Тој дополнува дека бројките се менуваат зависно од приходите и расходите.
„Денес, ако гледате во однос на буџетот за 2024 г., не ребаланс, беше 33 милијарди денари, сега е некаде над 33 милијарди. Сега во октомври ако го гледаме, е повеќе од 100 отсто. Тоа не е главна тема. Тие имаат буџет, имаат план и треба до крајот на годината да го менаџираат. Сакам да кажам дека еве денес може да има сличен коментар дека се потроши целиот планиран дефицит“,
вели поранешниот министер за финансии.
Но, Бесими признава дека државниот буџет во првата половина од годината бил дополнително оптоварен од пакетот антикризни мерки за пензионери, за студенти и други социјални категории.
