Она што посебно било разгледувано на средбата во Атина е можноста, доколку дојде до заболување на граѓаните од ковид -19 за време на престојот во соседната земја, да се обезбеди бесплатно лекување
Третманот за време на престојот во некоја од нашите земји, олеснување на транзитот и чекањето на границите и пристапот до здравствена заштита се трите точки на кои се фокусиравме во разговорите со колегите од Грција, изјави министерот за здравство Венко Филипче во интервју за Сител, образложувајќи што е договорено во пресрет на летната сезона и вообичаеното зголемено движење преку границата и транзитот.
Она што посебно било разгледувано е можноста, доколку дојде до заболување на граѓаните од ковид -19 за време на престојот во соседната земја, да се обезбеди бесплатно лекување.
„Многу наши граѓани ќе сакаат да патуваат во Грција, многу нивни граѓани ќе сакаат да дојдат кај нас. Но и ќе има транзит. Така што разговаравме за опциите за тоа, за начинот на движење на граѓаните, поминување на границите, наскоро ќе спремиме документ, кој ќе го разгледаат стручните лица – епидемиолози и до крајот на следната недела ќе биде финализиран. Кога ќе го разгледаме оваа недела, верувам дека ќе го најдеме и заедничкиот начин за соработка, а потоа тој документ ќе се даде и на други соседни земји“,
изјави Филипче.
За тоа дали има потреба од имунолошки пасош, односно дали ќе биде неопходно тестирање пред патувањето, Филипче го кажа личниот став дека има одредени групи граѓани за кои во одредени временски рамки е потребно тестирање, додека во други случаи тоа е бесмислено.
„Тоа е кога има точен број луѓе за кои се знае каде престојуваат. Но кога имаме масовност, тој тест, имајќи предвид дека неговата важност е до 48 часа, после тоа може да изгуби смисла. И не е суштината ниту фокусот. Не е да има тест априори, туку третманот ако има потреба за тоа, за време на престојот во некоја од земјите. Битно е да се организираме ние соседните земји за протокот и движењето на граѓаните, бидејќи битно е тоа да се олесни и да нема гужви на границите и притоа да се заштити здравјето на граѓаните“,
вели Филипче.