Целта е овој автопат да биде пуштен во употреба пред летната сезона, ако не во двата правци, тогаш барем едниот да биде во функција дотогаш, изјави денеска директорот на Јавното претпријатие за државни патишта
Зимските услови наредните месеци нема да бидат пречка да продолжи асфалтирањето на патот Кичево – Охрид и на делницата Страцин кон Длабочица, бидејќи компаниите кои работат на нив набавиле специјални адиви за асфалтирање на ниски температури.
Ова денеска од Штип го соопшти директорот на Јавното претпријатие за држави патишта Коце Трајановски кој изјави дека градежната сезона на овие делници нема да биде во застој од ноември до март.
Според првиот човек на ЈПДП, овој адитив го набавиле трите градежни компании кои работат на делницата Кичево – Охрид, каде главен изведувач е кинеската компанија „Синохидро“, и целта е овој автопат да биде пуштен во употреба пред летната сезона, ако не во двата правци, тогаш барем едниот да биде во функција дотогаш.
„Ќе се употребува на делницата Кичево – Охрид, набавен е адитивот. Таму има тројца изведувачи, едниот е ‘Гранит’, вториот е ‘Илинден – Струга’, а третиот е самиот ‘Синохидро’ со своја механизација или пак со други компании. Со тоа ќе овозможиме тој пат Кичево – Охрид побрзо пред летната сеозона догодина да го пуштиме во употреба, ако не во двата правци, тогаш едниот да биде целосно асфалтиран и пуштен во сообраќај“, изјави Трајановски.
изјави Трајановски.
Тој рече дека ваквите адитиви масовно се употребуваат во западноевропските земји, пред се во Германија, Норвешка, Шведска.
Активно се работи, како што кажа Трајановски, и на автопатиштата на кои е ангажиран американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Се работи на новата делница од Кичево кон Гостивар, односно до Букојчани, а направен е и проектот до селото Црвец. Истовремено, рече директорот на ЈПДП, се проектира и патот од Црвец до Букојчани, што треба да заврши во февруари следната година.
„Ќе почнеме со проектирање и на патото од Требеништа до албанска граница. Таму се предвидува да се направи наместо да одиме на Ќафасан горе, да се направи тунел од наша и од албанска страна. Веќе има прелимирани договори со албанската Влада, по половина да се финансира тој тунел, така што ќе биде многу полесно, побезбедно, побрзо движењето меѓу Македонија и Албанија“,
изјави тој.
Трајавноски рече дека се прави студија и за скапата делница Скопје – Блаце, на која поради теренот има повеќе тунели и вијадукти, а тендерската документација би требало да се објави во април или мај следната година.
Директоро на ЈПДП најави дека обиколници конечно ќе добијат Кавадарци, Ресен и Битола, а на македонските патишта за да нема запирање ќе се воведат и повеќе уреди за безготивинска, електронска наплата на патарините.
Тој посочи дека интензивно се работи и на експресниот пат Градско – Дреново, на потегот од Градско до Фариш. На потекот од Фариш до Дреновска клисура, како што кажа, ќе се одложат градежните работи, бидејќи има небезбедни косини, карпести делови, кои можат да доведат до опасност при движење по тој пат.
Сепак, како што додаде, се надева дека Градско – Фариш ќе биде пуштен за сообраќај до Нова година.
Интензивно се работи и на патот од Страцин до Крива Паланка, додека од Крива Паланка кон Куманово до Длабочица е завршена делницата, а останува делот од Длабочица до Страцин. Трајановски најави дека наредната година ќе почне и проектирањето на патот од Куманово до Страцин.