Палевски, според адвокатот кој сведочеше на денешното рочиште, имал кредити за стан и автомобил, кои биле дадени за наплата преку извршител. Успеал да најде купувач на станот и да го затвори кредитот. Одговарајќи на прашања на судијата, тој кажа дека првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски успеал да најде пари и целосно да му ги врати парите
На рочиштето сведочеа и четворица членови и симпатизери на партијата Десна кои, како што кажаа, биле привлечени од поткастите на Палевски. Ниту партијата ниту Палевски, како што рекоа, немале пари, а се финансирале од македонската солидарност, кој колку што имал толку давал
Васко Стојков, адвокатот кој го возел Љупчо Палевски-Палчо во Белград, на денешното рочиште од судскиот процес за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски сведочеше дека првообвинетиот во случајот контактирал со него откако пристигнал во Турција и дека преку него била известена и полицијата.

Тоа, како што раскажа Стојков на рочиштето одговарајќи на прашања на обвинителката, се случило откако полицијата извршила претрес во седиштето на партијата Десна во врска со возилото „рено кангу“, во кое според обвинителството бил Палевски дента кога била киднапирана и убиена Вања и откако биле приведени неколкумина нејзини членови во врска со случајот.
„Ме следеа и ќе ме наместат. Нема да биде првпат. Ме има на ‘Сејф сити’“,
му рекол Палевски на Стојков.
По насоки на полицијата, Стојков го прашал Палевски каде бил на 27 ноември (минатата година), денот кога била грабната Вања. Палевски првин му рекол дека не знае, но потоа кажал оти е сигурен дека бил во банка. За тоа дали се движел низ Дебар Маало, обвинетиот му рекол дека не се сеќава, но оти можеби утрото бил во кафуле таму, а можеби бил и кај неговата мајка за да земе пари.
Палевски, како што кажа адвокатот, му се пожалил дека и претходно неколку дена додека возел низ Скопје го следел автомобил со велешки регистарски ознаки.
Имено, Стојков во сведочењето кажа дека го однел Палевски во Белград на 30 ноември. За услугата се понудил самиот откако утрото истиот ден сега првообвинетиот на двете убиства му се јавил да го праша дали знае некој нотар што работи, бидејќи било неработен ден, за да му заврши работа во врска со полномошно за возило.
„Утрото ми се јавија Влатко Кешишов и Палевски и ме прашаа дали знам некој нотар да работи во неработен ден. Му реков дека не знам. Му реков да пиеме кафе и отидов во партијата. Кешишов ми рече не е Палчо тука, ќе одиме кај него во стан. Таму беше Палевски со уште едно лице кое не го познавам. Го прашав зошто му треба нотар, рече за полномошно за возило, зашто сакал да оди во Србија и Турција на лекување. Имал слободни денови и да се лекува. Му реков дека јас ќе го однесам во Белград“,
рече адвокатот Стојков.
По пат не разговарале за тоа кај кој лекар или во која болница ќе оди. Стојков рече дека ништо не му било сомнително, а главна тема околу која зборувале со Палевски бил состанокот на Централниот комитет на партијата кој требало да се одржи за неколку дена. Инаку, како што сведочеше адвокатот, Палевски претходно најавил дека ќе оти во Белград за да го реши проблемот што подолго време го имал со ‘рбетот и рекол дека ако успее ќе дојде за состанокот. Ако не, ќе оди во Турција на хируршки зафат. Додека биле во Белград, адвокатот рече дека Палевски пред него не комуницирал со доктори.
Дека ќе оти во Турција, Палевски го известил Стојков на 1 ноември.
Адвокатот во своето сведочење откри и дека Палевски има финансиски проблеми и дека тој за три години му позајмил околу 21 000 евра.
Палевски, според адвокатот, имал кредити за стан и за автомобил, кои биле дадени за наплата преку извршител. Успеал да најде купувач на станот и да го затвори кредитот. Одговарајќи на прашања на судијата, адвокатот Стојков кажа дека Палевски успеал да најде пари и целосно да му ги врати парите.
Прва на денешното рочиште сведочеше Маја Спироска, прва братучетка на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска.
Таа раскажа за првиот и деновите по исчезнувањето на девојчето.
Рече дека дента околу 11 часот ѝ се јавила Зорица и ѝ кажала дека Вања ја нема. Кажа дека со пријатели пребарувале по кафулиња и други места во потрага по девојчето, а од следниот ден била во домот на Зорица Ѓорчевска за да и даде поддршка. Таму, како што кажа Спировска, имало колеги на Зорица од работа и инспектори.
Сведокот рече дека прегледувале снимки, кои ги носел таткото на Вања, но на прашање на обвинителката рече оти не знае од каде биле. За тоа време, таткото Александар Ѓорчевски ѝ велел на мајката да не се секира и дека ќе ја најдат Вања. Со него, како што кажа, немал некој контакт во тие денови.
„Постојано излегуваше, доаѓаше, беше вознемирен. Едно време ми велеше да пратам порака на Илон Маск за да ја најде преку сателит“,
рече Спировска.

Во врска со пораката што Александар ја пратил во групата за родители во која напишал: „Вратете го девојчето, ќе ви дадам пари“, која потоа ја избришал, Спировска рече дека знае за пораката, но не ја видела. Рече дека видела дека е избришана, а за пораката дознала од родител.
Во врска со снимките, рече дека таткото на Вања прво ги прегледувал сам, а потоа дошло лице со име Гоце. Кажа дека тој го открил возилото „ситроен“ и рекол дека можеби имаат некаков траг.
На рочиштето сведочеа и четворица членови и симпатизери на партијата Десна, кои како што кажаа биле привлечени од поткастите на Палевски. Партијата, ниту Палевски, како што рекоа немале пари, а се финансирале од македонската солидарност, кој колку имал толку давал.
Сведокот Ѓорѓи Џолев, кој со сопругата Лита Ќириќ го дале нивното возило „рено кангу” на партијата Десна за да послужи при селењето на нејзиниот штаб од Кисела Вода кај „Шампионче” во сегашниот во Центар кај „Веро џамбо”, рече обвинетите Влатко Кешишов и Велибор Манев имале чуден однос со Палевски, за кој рече дека бил поданички. Кажа дека никогаш не му возвраќале на Палевски кога тој им се обраќал на висок тон.
„Ми беше чуден нивниот однос, беше поданички. Кога им зборуваше (Палевски) на висок тон, тие не возвраќаа, не влегуваа во расправија”,
рече Џолев.
Одговарајќи на прашање на судијата Ивица Стефановски, да го опише тој однос, Џолев кажа дека му изгледал како умилкување кон Палевски и дека никогаш не ги видел да се скараат.
За Кешишов кажа дека практично живеел во штабот на партијата Десна. Таму спиел, варел кафе, правел ручек и го шетал кучето на Палевски.
Одговарајќи на прашања на обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска, рече дека во една од просториите во стариот штаб на партијата видел пиштол во собата каде што спиел Палевски.
Дека првообвинетиот имал пиштол потврдија и другите сведоци.
„Таму (во поранешното седиште на партијата во Кисела Вода) имаше две големи простории, споени. Во една се снимаа поткастите. Односно се снимаа во двете кога имаше гостин, а во една кога Палевски беше сам“,
рече сведокот Кирил Тренчовски.
Прашан дали му било нормално тоа што имало пиштол таму, сведокот рече дека не му било нормално, но претпоставува дека е со дозвола. Исто така, тој кажа дека во штабот во Кисела Вода видел и радиостаници.
„Кај ‘Шампионче’ имаше радиостаници, токи-воки”,
рече Тренчовски.
Инаку, според обвинението, обвинетите комуницирале преку радиостаници кога ги вршеле кривичните дела.
Тој кажа дека не бил член на партијата Десна, туку нејзин симпатизер. Рече дека повеќе одел во стариот штаб во Кисела Вода, во чија непосредна близина живеел, а поретко во седиштето во Центар. Таму, како што кажа, не видел пиштол или радиостаници.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.
Судењето продолжува в петок, 15 ноември 2024 година.