Екс-премиерот и професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Владо Бучковски, зборуваше за најновите случувања во односите меѓу Скопје и Софија.
Македонскиот јазик, нашиот идентитет, сето она што го имаме ние како наша современост не е спорна, и со умерена политика, со вештина која ја демонстрираше Македонија во последните 3 години, ние ќе стигнеме до целта. Но, треба македонското општество да се подготвува за оној дел што ни го оставиле како наследство и нашите претходници. Само да ви прочитам. Во мај 1967 година што говореле Тодор Живков и Крсте Црвенковски. Ова се стенограми кои се јавно достапни. Нашиот Крсте Црвенковски вели – „еден од проблемите што не може да се реши, ќе остане за подоцна, тоа е проблемот на нашата македонска историја. Таа има многу заедничко со вашата. Вашите учени тврдат дека е заедничка се до 1944, нашите учени мислат дека македонската историја започнува од 19 век“. Па вели на крајот – „имаме многу допирни точки, но ако во име на добрососедството сакате да се откажеме од Мисирков, тогаш тешко ќе ни оди. Не може да ја поткрепам вашата теза дека нашите македонски историчари ја фалсификуваат историјата, а не го прават тоа и вашите“. Ова е пред многу години. Нерешено прашање, остана оваа генерација да го реши. Значи, нема бегање од препрочитување на заедничката историја како што ние велиме во договорот за добрососедство. Јас споделив неколку коментари и со луѓе блиски на претседателот Пендаровски. Интервјуто што го даде кај вас каде не ја користеше терминологијата од договорот, дека немаме заедничка, туку споделена историја ги направи нервозни и оние што се таму либерални.
вели Бучковски.
Тој вели дека додека националистите како Каракачанов се дел од власта, може да се сфати какви отстапки се прават во интерес на дневната политика.
„Јас гледам напред, од тоа нема враќање назад. Бугарија нема да ја спречи Македонија да биде членка на ЕУ, за тоа гарантирам. Но, на нас во периодот што претстои ни треба една сериозна дебата“,
вели Бучковски.
