Ребалансот на буџетот доаѓа со задоцнување од најмалку месец и половина, а прекројувањето на државната каса е сериозна работа особено во услови на криза, вели Трајко Славески, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сегашниот предлог доаѓа со големо задоцнување. Во меѓувреме владата продолжи со трошењето на буџетски средства како ништо да не се случува, претежно за тековни расходи од кои добар дел беа насочени за предизборен поткуп на гласачите. Значи продолжение на практиката од периодот од јануари – март 2020 година кое како што е познато се реализира буџетски дефицит во износ од 7,4 милијарди денари или 120 милиони евра што претставуваше 42,6 проценти од вкупниот планиран дефицит за 2020 година“,
рече Славески на денешната прес-конференција.
Според него, ова се потрошени пари без ниту еден денар да се насочи кон поддршка на претпријатијата засегнати од кризата од кои голем дел престанаа со работа со воведувањето на вонредната состојба во земјава.
„Не треба да зачудува фрапантната цифра што ја изнесе министерот за финансии Ангеловска од планираните 750 милиони евра буџетски дефицит со овој ребаланс што претставува историски највисоко ниво на планиран буџетски дефицит во историјата на Република Македонија и со ова како што, исто така, беше потврдено на новинарско прашање од страна на министерката јавниот долг на Република Македонија се доближува или ќе се доближи ако се ова се реализира до критичното ниво од 60 проценти од БДП“,
вели Славески.
Според него, за ребаланс на буџетот во услови на криза со денови се дебатира во собраниските комисии, се поднесуваат амандмани со цел да се добие посоодветен предлог на ребаланс на буџетот. Но, како што вели таа привилегија не е возможна во оваа ситуација.
„Нашите информации до овој момент се единствено тие што ги изнесе на денешниот прес министерот за финансии Нина Ангеловска и оттаму нашата реакција ќе биде за основните контури на буџетот и некои од клучните мерки коишто беа спомнати особено оние за поттикнување на потрошувачката во Република Македонија. Приходите во буџетот се преоптимистички планирани“,
смета тој.
Славески додаде дека тие предложиле уште во март да се направи ребаланс на буџетот, но тој предлог не бил прифатен од страна на Владата.
