Аналитичарите и познавачите на политиките кои ги контактираше „360 степени“ не очекуваат драстични промени во надворешната политика на САД на глобално ниво ниту, пак, очекуваат некакви промени во однос на регионот и Македонија
Доналд Трамп ќе биде новиот 47. по ред претседател на Соединетите Американски Држави. Според проекциите на Си-ен-ен, републиканскиот кандидат освоил 276 од потребните 270 електорски гласа, наспроти 223, колку што има неговата противкандидатка од редовите на демократите, актуелната потпретседателка на САД, Камала Харис.
„Вечерва се случи историја. Надминавме препреки за кои сите велеа дека е невозможно да се поминат. Видете што се случи, зарем ова не е лудо. Но, ова е политичка победа која земјата досега не ја видела“,
оцени Трамп во победничкиот говор пред поддржувачите.
Идниот американски претседател порача дека во Америка доаѓа нова златна ера, во која земјата повторно ќе биде голема, алудирајќи на мотото на неговото движење „Да ја направиме Америка повторно голема“ (Make Amarica Great Again – MAGA).
Американската демократија на тест
Сега, откако Трамп ја победи потпретседателката Камала Харис, нацијата се соочува со важни промени кои ќе се прелеат во политичката и културната сфера. Американската демократија повторно ќе биде ставена на тест, а владата нагло ќе се сврти надесно, пишува „Њујорк тајмс“. Републиканците покажаа сила низ целата земја и на сите нивоа на власта. Тие ја презедоа контролата врз Сенатот и би можеле да го држат Претставничкиот дом. Мнозинството во двата дома ќе му даде на Трамп значаен извор на законодавна моќ.
Како и за време на неговото прво владеење, земјата ќе се управува по желба на претседател кој нема многу интерес за деталите од политиката. Под неговата администрација, прашањата како што се правата за абортус, оданочувањето, имиграцијата и надворешната политика значително ќе се префрлат надесно, не само преку законодавството и извршните наредби туку и преку инсталирањето на про Трамп судии, вклучувајќи ги потенцијално новите судии од Врховниот суд, оценува весникот.
Поубави ветришта ќе дуваат од Америка кон Македонија и регионот
Аналитичарите и познавачите на политиките кои ги контактираше „360 степени“ не очекуваат драстични промени во надворешната политика на САД на глобално ниво ниту, пак, очекуваат некакви промени во однос на регионот и Македонија.
„САД имале отсекогаш силен интерес за овој регион, а Бајден таа политика ја напушти. Она што Трамп јавно го кажа за надворешната политика навестува голем интерес за регионот и особено за Западен Балкан кој долго се мачи да влезе во Европската Унија. Ако се суди по досегашното искуство на Македонија со претседателските избори во Америка, големо поместување во надворешната политика не се очекува. Победата на Трамп е мало охрабрување за Македонија, да ни се зголемат шансите за почнување на преговорите со ЕУ. Трамп има јасен став за односот Македонија-Бугарија и Македонија-Грција, што дава значаен импулс“,
вели поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски.
Низ призма на партиската припадност, додава тој, демократите имаат понегативен однос за клучните прашања кон Македонија во однос на ЕУ, за разлика од републиканците. Според Петковски, со победата на Трамп поубави ветришта ќе дуваат од Америка кон Македонија и регионот.
„Ако ги слушаме неговите изјави, проблемите ќе се решаваат со преговори, а не со провокација. Ќе има помалку војни, помалку турбуленции“,
вели Петковски.
Стабилизација на европскиот континент со победата на Трамп очекува и поранешниот амбасадор во САД и професор на Правниот факултет во Скопје, Васко Наумовски.
„Главниот фокус на новата американска администрација се очекува да биде во економијата, што беше една од причините за овој пресврт во американската политика и истовремено да се направат определени промени во надворешната политика, со што ќе се врати она лидерство на САД на глобалната сцена. Пред сè, тоа се однесува на улогата што може да ја преземат САД во завршувањето на војната помеѓу Русија и Украина, и со тоа да се придонесе за стабилизација на европскиот континент. И во економска, и во политичка, и во безбедносна смисла, што неминовно ќе има последици и врз регионот на Балканот“,
вели Наумовски.
Според него, не се очекува некаква драстична промена во билатералните односи помеѓу САД и Македонија.
„Ние немаме никакви отворени прашања, но можни се определени промени во однос на затворањето на отворените прашања што сè уште постојат на Балканот, и во тој контекст да се постават основите за натамошна целосна интеграција на Западниот Балкан во ЕУ, што во суштина е и една од целите на долгорочната американска надворешна политика“,
додава Наумовски.
САД ќе останат нашиот стратешки партнер
Аналитичарот Андреја Стојковски од „Преспа институтот“ смета дека американската политика за Западен Балкан останува конзистентна, што се потврдува и за време на администрацијата на претседателот Бајден и дека изборот на Трамп, најверојатно, нема да донесе суштински промени за нас.
„Ако треба да зборуваме за политиката на Доналд Трамп во однос на нашата држава, најдобро е да се потсетиме на една негова изјава. Во 2018 година, при потпишувањето на Договорот од Преспа, Трамп изјави: ‘Договорот од Преспа е најголемото достигнување на Балканот по Дејтонскиот договор’. Од тој период наваму, американската политика за Западен Балкан останува конзистентна, што се потврдува и за време на администрацијата на претседателот Бајден. Затоа, неговиот избор најверојатно нема да донесе суштински промени за нас. САД ќе останат нашиот стратешки партнер продолжувајќи да ни даваат поддршка во европските интеграции, одбраната од странски вмешувања и борбата против корупцијата“,
вели Стојковски.
Според него, без оглед на ставовите за Трамп, како и квалификациите за него, САД и натаму ќе се справуваат со авторитарните режими и ќе поддржуваат демократизација во регионот. Во поширокиот европски контекст, пак, изборот на Трамп може да поттикне дополнителен притисок врз Европската Унија да се консолидира, да ја забрза и насочи политиката на проширување, но и да ја потврди поддршката за Украина.
„Тоа би било корисно и за нас бидејќи успехот на Унијата во регионот ќе се мери и преку напредокот на пристапните преговори, вклучително и за Македонија. Во однос на НАТО, нашата држава ќе продолжи да се интегрира воено, со што ќе не очекува зголемување на делот од буџетот наменет за одбрана, како и набавка на воена опрема од САД. Со други зборови, нашите обврски и насоки остануваат и натаму, а ЕУ и НАТО нема да се распаднат, туку веројатно ќе станат посилни — Европа пообединета и поотпорна, а НАТО-алијансата подобро опремена и поефикасна“,
додава Стојковски.