Коментирајќи ги сомнежите во однос на остварувањето на процентот на БДП од 3,7 проценти, министерката изнесе податоци за претходните години и аргументи за плановите за следната година, нагласувајќи дека реалните инвестиции во годините наназад не изнесувале повеќе од 15 милијарди денари
Реална реализација на планираните 50 милијарди денари за капитални инвестиции предвидени со предлог-буџетот за 2025 година, вети министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Предлог-буџетот денеска ќе биде доставен до Собранието
„Буџетот вклучува 50 милијарди денари, односно 830-840 милиони евра за капитални инвестиции. Коридорите 8 и 10-д, каде што министерот репреговара во насока на тоа да имаме реална реализација, се еден од приоритетите, исто така и општините, а приоритет се и проектите за финансирање на енергетска ефикасност, за олеснување на трговија и транспорт во Западен Балкан, за администрирање на социјалното осигурување, за модернизација на земјоделството, регионален проект за отпад, за подобрување на водната инфраструктура, реконструкција на казнено-поправни установи. Во делот на образованието, покрај обнова на студентските домови, во преговори сме за доизградба на училишта и спортски сали“,
изјави Димитриеска-Кочоска по брифингот со медиумите.
Коментирајќи ги сомнежите во однос на остварувањето на процентот на БДП од 3,7 проценти, министерката изнесе податоци за претходните години и аргументи за плановите за следната година, нагласувајќи дека реалните инвестиции во годините наназад не изнесувале повеќе од 15 милијарди денари.
„Во 2022 година во делот на капитални инвестиции сме имале 18 милијарди денари реализација, меѓутоа таа реализација кога ќе тргнете да ја анализирате нагоре се во суштина класични трансфери коишто се префрлани до јавни претпријатија и акционерски друштва при што во овој дел 14 милијарди не се влезени оние паднати гаранции. Знаете колку била реализацијата на капиталните инвестиции во 2022 година, и ако на тоа или од тој износ го одземете овој ќе видите колку е реалната реализација на капиталните инвестиции“,
рече министерката за финансии.
Во 2023 година, како што дополни, иако во планот биле буџетирани 17 милијарди се завршува со 23 милијарди повторно на вакви инвестиции, односно евидентирани како инвестиции кои во реалноста завршувале за плати, за набавка на репроматеријали итн.
„Кога ќе ги соберете математиките ќе видите дека ние реално во годините не сме инвестирале повеќе од 15 милијарди денари реално. За споредба, во 2025 година такви работи нема. Трансфери за ЕСМ нема, трансфери во однос на одредени јавни претпријатија се предвидени, но во многу помал износ или се пренасочени на други ставки, а не да ги билдаме капиталните, што значи дека она што го гледате како 50 милијарди денари се реални инвестиции“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Според неа, проектите за изградбата на автопатот Скопје-Блаце и Кичево-Букојчани покажуваат дека во минатото немало никаков интерес за реализација на капитални инвестиции.
„Она што бев многу шокирана изминативе денови беше тоа дека имаме одобрено средства за изградба на Скопје – Блаце и Букојчани – Кичево, што се поразлични кредити од она што е сега проектот за Коридорот 8 и Коридорот 10, одобрени уште во 2021 година и се поставува прашањето зошто не се почнало со реализација на тие проекти. Кој е виновен за тоа? Парите се одобрени, едниот од ЕИБ, а другиот беше чинам од ЕБРД. Значи, два проекти 3-4 години наназад одобрени заедно во соработка со претходната влада. Ова само покажува дека воопшто немало никаков интерес за реализација на капитални инвестиции. Многу било полесно овие 23 милијарди, 30 милијарди трансфери кон јавни претпријатија, акционерски друштва, уништувања на тие друштва и денес креирање на дополнителни проблеми. Е тоа е тоа што ние денес го менуваме. Ваквата политика ни донесе стапка на раст таква каква што имавме во минатото, а ние нашата стапка на раст ја темелиме на реални инвестиции“,
наведе шефицата на државната каса.
Владата на седница во вторникот го усвои Предлог-буџетот за 2025 година, со проектирани приходи во вредност од 5,8 милијарди евра и расходи од 6,5 милијарди евра. По доставувањето во Собранието, следува десетдневна расправа во матичната Комисија за финансирање и буџет. Буџетскиот дефицит е проектиран на четири проценти, а инфлацијата на 2,2 проценти.