Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) велат дека заклучно со 27 октомври пријавени се вкупно 148 случаи

Нови 42 случаи на грип се пријавени во земјава изминатава недела, во периодот од 21 до 27 октомври, што е намалување од 16 отсто во споредба со минатата седмица.
Најголем дел од заболените, или вкупно 13, се во Гостивар, 12 се во Куманово, осум има во Тетово, по три случаи има во Неготино и Свети Николе, а по еден заболен е пријавен Скопје, Кавадарци и Струмица. Заболените се на возраст од 5 до 65 години, а најголем дел, 23 лица, се на возраст меѓу 15-64 години.
Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) велат дека заклучно со 27 октомври пријавени се вкупно 148 случаи.
Од 21 октомври во земјава се одвива и вакцинацијата против сезонски грип.
Пријавувањето за имунизација се врши преку апликацијата Вакцинација.мк, со што граѓаните директно се регистрираат во системот „Мој термин“. Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, граѓаните преку СМС-порака добиваат повратна информација за точниот датум, час и место кога треба да се вакцинираат.
Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата истата ја примиле 34 460 лица. Најголемиот дел од вакцинираните, 33 545 лица се со бесплатни вакцини, додека 915 се вакцинирани со комерцијални вакцини што се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во ризичните групи.
Со бесплатна вакцинација се опфатени ризичните групи – лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица.
