На седницата, како што рече пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, треба да одговори на прашањата во врска со неговото именување во Агенцијата, за сомнежите поврзани со сертификатот за познавање англиски јазик, како и каде бил на денот на полагањето, но и еден-два дена пред полагањето на ТОЕФЛ-тестот
Опозицискиот СДСМ ќе поднесе иницијатива до претседателот на собраниската Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР за свикување јавна седница на која ќе биде поканет новоименуваниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски.

На седницата, како што рече пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, тој треба да одговори на прашањата во врска со неговото именување во Агенцијата, за сомнежите поврзани со сертификатот за познавање англиски јазик, како и каде бил на денот на полагањето, но и ден-два пред полагањето на ТОЕФЛ-тестот.
„Имаме прашања кои се од значење за интересот на државата и во интерес на јавноста и кои сакаме јавно да ги поставиме и да добиеме одговори. Едно од тие прашања е добиено од свиркачи, вработени во безбедносно-разузнавачката заедница – каде бил Христовски на денот на полагањето, каде престојувал ден или неколку дена пред датумот на полагањето на ТОЕФЛ-тестот, но и многу други поврзани со неговите сегашни активности во Агенцијата, како на пример – што тој знае за скандалозните помилувања. Ова се прашања од јавен интерес и јавноста има право да ја знае вистината. Токму затоа денес ќе поднесеме иницијатива до претседателот на Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР за свикување на седница на која ќе биде поканет директорот на Агенцијата и ќе даде одговор на овие и на други прашања“,
рече пратеничката Петровска на денешната прес-конференција во Собранието.
Петровска очекува претседателот на матичната собраниска комисија да одговори позитивно и да ја свика седницата во временскиот рок кој е предвиден во Деловникот.
„Бараме оваа седница да биде отворена за јавност за да може јавноста да биде сведок на поставените прашања и на дадените одговори. Од таа седница јавноста ќе може да се увери дека после оставката на членовите на Комисијата за помилување, кои беа наместени од структурите на ВМРО-ДПМНЕ, треба да следи уште една оставка, овој пат во интерес на државата, а не на партијата“,
додаде Петровска.
Оцени оти именувањето на новиот директор на АНБ под сомнителни околности и со сомнителен сертификат за познавање на англиски јазик е најголемиот срам, но и понижување на државата и на професионалците во безбедносно-разузнавачката заедница. Од сите професионални кои ја градеа оваа држава, рече Петровска, ВМРО-ДПМНЕ го одбра тренерот по кик-бокс за директор на АНБ.
