Од опозициската партија го обвинуваат раководството на социјалдемократите дека се коцка со животите на граѓаните, ама не излегуваат со предлози како да се премости уставниот вакуум што се создаде со распуштањето на парламентот, а потоа прекинувањето на изборите
Од ВМРО-ДПМНЕ ги сметаат за уцена најавите од раководството на СДСМ дека ако нема предвремени избори до крајот на јуни тогаш би требало да се размисли за избори во редовниот рок, до почетокот на декември, што, според владејачката партија, би значело и враќање на политичката влада.
„Од СДСМ играат, тргуваат и лицитираат со човечките животи. Подготвени се да газат и по човечки трупови, како и да обесхрабрат многумина да гласаат против нив. Сега веќе не им е важно за здравјето на граѓаните и вториот бран кој го говореа претходно и тоа е уште едно лицемерие“,
изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.
Според Арсовски, СДСМ се однесува несериозно и неодговорно. До вчера, вели, брифираа дека доцна наесен ќе имало нов бран со корона, а сега велат ако нема избори во јуни тие ќе биле во декември.
„Со ова СДСМ и Зоран Заев уште еднаш докажуваат дека се коцкаат со судбината на граѓаните и ја уценуваат целата држава само и само за да го ублажат поразот. Ваквиот нивен ултиматум е најголем доказ дека на Зоран Заев и СДСМ воопшто не им е важно здравјето на граѓаните, туку единствено политичките игри
изјави Арсовски.
кои на Заев може да му донесат помал пораз. Такви ултиматуми ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа и Зоран Заев не е ниту во состојба ниту, пак, е фактор во моментов да уценува некого или да диктира услови“,
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вчера исто така пласираше предлог за враќање на политичката влада, доколку и натаму се одолговлекува одржувањето на изборите, кои требаше да бидат вонредни.
Шилегов: Ако нема избори, да ги вратиме Собранието и политичката влада
„За жал, се наоѓаме во една меѓуситуација. Беше распуштено Собранието, беа распишани изборите и некаде во роковите кои течат десетина ден пред изборната кампања фати епидемијата со ковид-19. Сега имаме две ситуации: Или ако дозволува епидемиолошката слика да одиме на избори, затоа што не можеме да имаме влада со вонредна состојба без парламент, такво нешто не постои во Европа, а не сме тука по наша желба. Или, ако се согласиме дека немаме услови да се одржат изборите, што во моментов не може никој да го донесе како проценка, тогаш треба да ја вратиме на сила политичката влада. Ако како општество сме се согласиле да имаме техничка влада за спроведување избори, а тоа е невозможно поради здравствената состојба, тогаш да ја вратиме назад функцијата на Собранието, за да не се дозволи да имаме влада која никој не ја контролира“,
изјави Шилегов, во гостување на ТВ 24.
