„Ако дојде до тоа, жестоко ќе реагираме и ќе го браниме стандардот на граѓаните со сè што имаме како алатка на располагање“, вели премиерот

Два дена пред завршување на мерката на Владата за ограничување на бруто-профитната маржа на дел од основните прехранбени производи за 10 отсто во трговијата на мало и на големо, се очекува од почетокот на идниот месец цените на овие производи да се зголемат.
И премиерот Христијан Мицкоски, како и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најавува воведување поригорозни мерки доколку дојде до зголемување на цените.
Тој најавува дека ќе бидат искористени сите алатки за, како што рече, да биде заштитен стандардот на граѓаните.
„Очекувам заедно со коморите, трговците и со производителите да не дојде до дивеење. Ако дојде до тоа, жестоко ќе реагираме и ќе го браниме стандардот на граѓаните со се што имаме како алатка на располагање“,
рече денеска Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Со владината одлука од 20 септември, на листата на т.н. есенска кошничка се 73 производи меѓу кои – леб, тестенини, брашно, пекарски производи како бурек и банички со месо и сирење, млеко и млечни производи, месо и преработки од месо, дел од овошјето и зеленчукот, ориз, грав, масло за јадење и дел од конзервираните производи.
Доколку од 1 ноември дојде до зголемување на цените на основните прехранбени производи и министерот Дурмиши најави воведување на поригорозни мерки.
Тој очекува од ноември да дојде до дополнително намалување на цените со примената на Законот за нефер трговски практики кој предвидува повеќе од 2 500 земјоделски и прехранбени производи да имаат ограничени маржи до 10 отсто.