Премиерот рече дека изминатиот викенд остварил средба со европскиот експерт за правосудство Бранко Хорватин, од кого добил квалитетни идеи во делот на реформите во правосудството. Во таа насока, посочи дека идната недела очекува да има средба со министерот и оние што се веќе дел од оваа област и да почнат да работат, прво од Судскиот совет, па после од Советот на јавни обвинители, сè до оној момент додека не ги ослободат судството и обвинителството од партиските стеги од ДУИ и СДСМ
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека го добил писмото што вчера до него го испрати лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во кое изразува загриженост за неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и одржливоста на земјата, како и на непочитувањето на Охридскиот договор.

„Го добив писмото, го прочитав. Писмото би го поделил во два дела. Првиот е геостратешки осврт на состојбата во регионот, вклучително на Блискиот Исток и во Украина. Вториот дел е обвинување на уставните судии што ги избрало мнозинството на СДСМ и ДУИ дека спроведуваат програма на ВМРО-ДПМНЕ. Не сум го знаел дека овие судии спроведуваат програма на ВМРО-ДПМНЕ. Во писмото пишува и дека е загрижен за предметот поврзан со законот за јазици и да сум интервенирал кај уставните судии избрани од СДСМ и ДУИ да внимаваат што прават бидејќи на тој начин можат да ја дестабилизираат државата. Ова е писмото. Јавноста нека оцени дали тоа заслужува коментар“,
рече Мицкоски.
Одговарајќи на новинарски прашања пред конференцијата на Блумберг Адрија, за тоа која е неговата порака до Ахмети по писмото, премиерот рече дека е поминато времето кога политичарите можеле да влијаат на одлуките на судиите и обвинителите. Посочи дека не се согласува со гледиштето на ДУИ дека на тој начин треба да функционираме како држава и оти на крај не му паѓа да оствари каква било комуникација со судии и обвинители избрани од мнозинството на СДСМ и ДУИ.
„Тие истите судии го сведоа рејтингот на правосудниот систем на едноцифрен број проценти“,
вели тој.
Информираше дека изминатиот викенд остварил средба со европскиот експерт за правосудство Бранко Хорватин, авторот на извештајот на Оценската мисија на ЕУ, кој сега работи на проект финансиран од страна на ЕУ во Црна Гора, од кого добил квалитетни идел во делот на реформите во правосудството.
„Во текот на идната недела очекувам да имаме оперативна средба со министерот и оние што се веќе дел од оваа област. Да почнеме веќе да работиме. Прво да почнеме од Судскиот совет, па после од Советот на јавни обвинители, се до оној момент додека не го ослободиме судството и Обвинителството октроирани од партиските стеги од ДУИ и од СДСМ“,
рече премиерот.
Од партијата на Али Ахмети вчера информираа дека нивниот лидер испратил писмо до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кое изразил загриженост за неодамнешните одлуки на Уставниот суд за „укинување на клучните механизми за заштита на заедниците“ и нивното влијание врз, како што вели, меѓуетничката кохезија и одржливост на земјата.
Ахмети предупредува дека во актуелната комплексна геополитичка состојба во светот и регионот, за која оцени дека е поопасна од кога било од крајот на минатиот век, секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало, како што вели, сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост.
