„Бројките варираат, па така, од 67 до 70 пратеника има коалицијата ГЕРБ-СДС, а тука е и коалицијата ПП-ДБ, која очекувам да има меѓу 44 и 47 пратеника. Во суштина, без нив две не може да се направи влада. Но, ќе видиме како таму ќе се развиваат работите“, вели премиерот коментирајќи ги изборните резултати кај нашиот источен сосед
Се надевам дека во Бугарија ќе се формира влада со која ќе можеме да седнеме и да најдеме решение за одблокирање на нашиот пат кон Европската Унија. Ова денеска по надзорот во работата на автопатската делница Гостивар-Букојчани го изјави премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ги вчерашните избори на нашиот источен сосед, при што посочи дека со партијата ГЕРБ на лидерот Бојко Борисов, која освои најмногу гласови и припаѓаат на истата Европска народна партија.

„Според првичните резултати, девет партии ќе влезат во бугарскиот парламент. Ќе има интересен мозаик во рамките на тамошниот законодавен дом“,
рече тој.
Очекува влада од најмалку три партнери, а како што рече, тоа не може да се случи без ГЕРБ и коалицијата „Продолжуваме со промените – демократска Бугарија“ (ПП-ДБ).
„Бројките варираат, па така од 67 до 70 пратеници има коалицијата ГЕРБ-СДС, а тука е и коалицијата ПП-ДБ, која очекувам да има меѓу 44 и 47 пратеници. Во суштина, без нив две не може да се направи влада. Но, ќе видиме како таму ќе се развиваат работите“,
вели премиерот.
Во саботата премиерот, одговарајќи на прашањето кого би издвоил како подобар соговорник, дали Бојко Борисов од ГЕРБ или Кирил Петков од Продолжуваме со промената (ПП), посочи дека не би можел да издвои, но оти е логично да посакува да победи партијата со која се дел од Европската народна партија.
Досега Мицкоски неколку пати посочи дека за прашањето на нашиот евроинтегративен процес потребно е во Бугарија да се формира влада, па потоа да се разговара за позициите.
Партијата ГЕРБ на Бојко Борисов победи на вчерашните парламентарни избори во Бугарија, седми одржани за последните четири години. Но, за да формира влада, ќе мора да најде коалициски партнер.
Според последните податоци од Централната изборна комисија (ЦИК), по повеќе од 98 отсто пребројани гласови, ГЕРБ има освоено 26,46 отсто гласови, коалицијата „Продолжуваме со промените – демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) има 14,38 отсто, а партијата Преродба 13,64 отсто.
Со сегашните резултати девет партии влегуваат во бугарскиот парламент.