Словенија вчера донесе одлука за прогласување крај на епидемијата
И покрај тоа што словенечката Влада прогласи крај на епидемијата на коронавирус, заштитните мерки остануваат во сила, а повеќе објекти сѐ уште немаат дозвола да работат.
Во земјата сѐ уште се забранети собирите каде што на едно место има повеќе од 50 луѓе, затворени се хотелите со капацитет од над 30 гости, а не работат ниту ноќните клубови и фитнес-центрите.
Словенија вчера донесе одлука за прогласување крај на епидемијата по информациите на Националниот институт за јавно здравје и извештајот за ширењето на коронавирусот. Сепак, не се исклучува можноста за повторна појава на новозаразени, поради што остануваат во сила мерките за заштита.
Словенечката државна телевизија објави дека со ваквото брзо прогласување крај на епидемијата владата спречи двата закона за помош на економијата и работниците кои добиваат државна помош да важат до крајот на јуни, бидејќи законите предвидуваат помошта да трае до крајот на овој месец, во случај ако се прогласи крај на епидемијата до денес, односно 15 мај.
Се укинува карантинот
Словенците и граѓаните на другите земји членки на Европската Унија нема повеќе да одат во 14-дневен карантин по влезот во земјата.
Ова одлука, која беше во сила од средината на март, е укината за сите, освен за граѓаните од трети држави, односно за оние од државни кои не се дел од ЕУ.
Во карантин нема да одат и граѓаните на трети земји кои имаат привремено или трајно живеалиште во ЕУ, а во странство не биле повеќе од две недели.