Од опозициската партија наведуваат дека станува збор за еден од најсериозните скандали, кои го поткопуваат безбедносниот систем на земјава и мора целосно да биде расчистен
Опозицискиот СДСМ денеска го повика Јавното обвинителство на Република Северна Македонија да отвори истрага за, како што велат, незаконското поставување на Бојан Христовски за директор за Агенцијата за национална безбедноста (АНБ).
Христовски, велат од партијата, нема меѓународно признаен сертификат за познавање на англиски јазик и користел фалсификуван документ, што претставува кршење на законот и дело што повлекува кривична одговорност.
„Го повикуваме Јавното обвинителство да отвори постапка соодветно на своите надлежности. Повикуваме на транспарентна истрага која точно и непристрасно ќе утврди кој го овозможил ова и кој е одговорен за скандалот. Христовски не ги исполнува условите и треба да поднесе оставка од функцијата директор на АНБ, а потоа да се утврди и одговорност за прекршување на законот“,
се вели во денешното соопштение од СДСМ.
Оттаму наведуваат дека станува збор за еден од најсериозните скандали, кои го поткопуваат безбедносниот систем на земјава и мора целосно да биде расчистен.
Од опозициската партија уште една го прозваа и премиерот Христијан Мицкоски кој, како што обвинуваат, наместо веднаш да го разреши Христовски, тој по секоја цена го брани неговото незаконско постапување.
„Владата на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека за неа не постои ниту право ниту правна држава“,
посочуваат од СДСМ.
Викендов бугарскиот портал „Фактор“ објави дека на адресите во Пловдив, каде што новиот директор на АНБ, тврди дека го добил ТОЕФЛ-сертификатот, нема такво јазично училиште. Порано таму била сместена компанијата „Julia Co.LTD“, но сега канцеларијата е затворена и работи онлајн. Во телефонски разговор лицето, кое одговорило на бројот објавен во брошурата, посочило дека компанијата не издава сертификати за ТОЕФЛ и не врши обука за добивање таков сертификат.
Ова од СДСМ вчера го оценија како потврда на нивните укажувања дека поставувањето на Христовски за директор на АНБ не само што е груба партизација туку е и целосно незаконска постапка, оти се потврдило дека сертификатот за англиски јазик на Христовски е лажен.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, на прашање зошто се стекнал со сертификат за познавање на англиски јазик во Пловдив, каде според тврдењата на опозициската СДСМ не постои центар за полагање ТОЕФЛ-тест, а не во Скопје, Христовски вели дека е спремен јавно да покаже документ кој е издаден во 2019 година, како регулатива од претходната власт, за административно тестирање на вработени во државната администрација кој точно покажува кој вид на тест од трите светски јазици кои се говорат и се потребни во државата, за кој вели дека го положил во 2022 година оти бил најбрз начин како да дојде до таа диплома, велејќи дека во Пловдив имало отворен термин за полагање.
Премиерот Мицкоски вчера, одговарајќи на новинарски прашања во врска со пишувањата на Фактор.бг, изјави дека ќе бара одговорност од директорот на АНБ, Бојан Христовски, само ако соодветна институција констатира пропусти во неговото назначување на функцијата.
Мицкоски е убеден дека сите услови околу именувањето на новиот директор на АНБ се исполнети согласно закон, а за ова прашање, како што кажа, разговарал и со Христовски.
„Единствен орган што треба да констатира дали тие услови се исполнети е Антикорупциската комисија која ја повикувам да го истражи брзо овој случај. На брза лета нека го стави овој случај како прв приоритет. Убеден сум дека тој ги исполнува условите. Зарем ќе дозволиме такво нешто да се случи. Документот е издаден од 2022 година, дали во меѓувреме постоела или не постоела таа Агенција, тоа е сосема друго прашање“,
изјави вчера Мицкоски.
Неполна недела по именувањето на Бојан Христовски за нов директор на АНБ (16 октомври), Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), отвори предмет по пристигната анонимна претставка во која се оспорува законитоста на неговото именување.