Фон дер Лајен истакна дека Србија е веќе една од најнапредните земји во процесот на пристапување, поради што во тек е отворањето на кластерот три и посочи дека Србија може да биде сигурна, како идна членка на ЕУ, дека Унијата ќе ја почитува и заштити „нејзината прекрасна природа“ кога станува збор за критичните минерали
Европската Унија е трговски партнер број еден на Србија која има сè подобри економски резултати и е на добар пат од следната година да стане дел од единствената зона за плаќање во евра, што ќе го олесни трансферот на пари и ќе ги направи побрзи, побезбедни и поевтини, изјави денеска во Белград претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на заедничка прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Вучиќ посочи дека се надева оти Србија до крајот на годинава ќе го отвори кластерот три во преговорите за пристапување во Унијата.
Фон дер Лајен посочи на три иницијативи, меѓу кои е и Планот за раст на Западен Балкан, кој, според неа, треба да ги приближи економиите од регионот до економијата на ЕУ и да го интегрира регионалниот пазар со единствениот европски пазар.
Таа му се забагодари на Вучиќ за „одличната реформска агенда“.
„Драг Александар, сакам да ви се заблагодарам на вас и на вашиот тим за одличната работа кога станува збор за агендата. Тоа е одлична реформска агенда. Сега ние треба да започнеме со имплементација на 1,6 милијарди евра што Србија ќе ги добие во рамки од Планот за раст“,
рече Фон дер Лајен.
Фон дер Лајен истакна дека Србија е веќе една од најнапредните земји во процесот на пристапување, поради што во тек е отворањето на кластерот три и посочи дека Србија може да биде сигурна, како идна членка на ЕУ, дека Унијата ќе ја почитува и заштити „нејзината прекрасна природа“ кога станува збор за критичните минерали.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Фон дер Лајен побарала од Србија многу поголемо усогласување со декларациите за надворешната политика на ЕУ и почитување на некои други прашања.
Тој истакна дека инфраструктурните проекти на кои работи со ЕУ се исклучително важни за Србија, истакнувајќи ја пругата Белград – Ниш како најважен проект, а нагласи и дека се гради пругата Ниш – Димитровград, како и дека ќе се гради од Ниш – Брестовац, па сè до Прешево и границата со Северна Македонија.
