Целта на ваквиот механизам, како што рече министерот за европски прашања, е министерствата да имаат јавен притисок за спроведување на обврските преземени со реформската агенда
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани најави дека ќе им дели црвени, жолти и зелени картони на своите колеги министри во Владата според спроведените реформи усвоени во реформската агенда од Планот за раст на Западен Балкан од кои земјава треба да добие 750 милиони евра.

Тој ова го навести на денешниот брифинг со новинарите, на кој го претстави планот за спроведување на реформската агенда за земјава, која беше и официјално одобрена од Европската комисија (ЕК).
На секоја владина седница, како што рече Муртезани, ќе реферира како тече процесот на реформи, а министрите во Владата, условно речено, ќе ги оценува според спроведените реформи во нивните ресори. Целта на ваквиот механизам, како што кажа, е министерствата да имаат јавен притисок за спроведување на обврските преземени со реформската агенда.
„Дури и на колегите од Министерството веќе им купив три картони – зелен, жолт и црвен и тие што ги спровеле реформите ќе им биде врачен зелен, тие што имаат проблеми жолт, а тие што доцнат – црвен. Нема да ми биде проблем овој механизам да го направам и јавен бидејќи сакам министерствата да имаат и јавен притисок да ги спроведат реформите“,
рече Муртезани на денешниот брифинг со новинарите.
Во врска со ефектите од неспроведувањето на реформите од страна на министерствата, Муртезани вели:
„Во политиката казната следува на избори. Ако ние не ги апсорбираме сите пари ако одредени министерства се неуспешни, казната на некој начин ќе следи.“
