До конечната цел – што поскоро членство во ЕУ – според премиерот, може да се дојде ако се направи синергија од вредностите на кои се темели Европската Унија од една страна, и на зачувување на гордоста и достоинството на македонските граѓани од друга страна
Очекуваме Европската Унија (ЕУ) заедно со нас да помогне во изнаоѓање начини како да го продолжиме нашиот евроинтегративен пат. Вакво очекување денеска изрази премиерот Христијан Мицкоски по средбата којашто ја оствари со претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, која е во посета на земјава.

Таквото решение, рече Мицкоски, треба да ги уважува ставовите на граѓаните оти во иднина нема да постојат нови барања на патот кон ЕУ коишто се во спротивност на идеите и вредностите врз кои почива самата Унија.
„Веруваме во принципот на фер пристап и заслуги, но воедно веруваме дека нашите континуирани напори ќе бидат соодветно вреднувани. Целта е јасна, но патот до неа бара заеднички труд, соработка, дијалог и меѓусебно разбирање коишто се од суштинско значење. Убедени сме дека заедно можеме да ги надминеме сите пречки и да изградиме подобра иднина за нашите граѓани“,
порача Мицкоски на заедничката прес-конференција со шефицата на ЕК.
До конечната цел – што поскоро членство во ЕУ – според премиерот Мицкоски, може да се дојде ако се направи синергија од вредностите на кои се темели Европската Унија од една страна, и на зачувување на гордоста и достоинството на македонските граѓани од друга страна.
„Како Влада ќе продолжиме и понатаму да ги споделуваме европските вредности, ќе направиме се што е потребно од наша страна за да ја доближиме ЕУ до граѓаните – нешто што е наша задача, но и желба, бидејќи повеќе од 75 проценти од граѓаните иднината ја гледаат токму како дел од ЕУ. Како премиер ќе продолжам да работам исклучиво во интерес на граѓаните и тоа што за нив претставува прв приоритет, а тоа е истовремено да живеат подобро, да владее правото, да се постигнуваат реформи, европските вредности да бидат дел од нашето секојдневие, но истовремено гордоста и достоинството, да не бидат понижени и да не бидат поразени“,
додаде Мицкоски.
Говорејќи на заедничката прес-конференција со шефицата на Европската комисија, премиерот ѝ заблагодари за нејзината лична посветеност и поддршка на земјава кон нејзиниот евроинтеграциски пат.
