За случајот, како што посочија од Здружението на новинари, ќе бидат известени меѓународните новинарски организации кои ги следат правата и медиумските слободи
Непознати сторители синоќа го опожариле автомобилот на новинарот и уредник на штипската телевизија М-Нет, Благој Серсемов, кој бил паркиран во дворот на неговата семејна куќа, информира утринава Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
Оттаму остро го осудија ваквиот чин на вандализам, велејќи дека тоа претставува сериозна закана за безбедноста на новинарите и медиумските работници, како и напад врз слободата на говорот и правото на јавноста да биде информирана. Повикаа на итно расветлување на случајот и пронаоѓање на сторителите.
„Освен ова, колегата Серсемов има и правни притисоци оваа година и тој се соочува со неосновани тужби за клевета, за што адвокатите на ЗНМ го застапуваат во Основниот суд во Штип. Заканите од ваков тип се неприфатливи во едно демократско општество кое тежнее кон заштита на медиумските права и безбедноста на сите новинари. Овој напад не е само физички чин на уништување на имот, туку има за цел да ги замолчи новинарите и да го заплаши медиумскиот сектор во земјава во целост“,
посочуваат од Здружението на новинари на Македонија.
За случајот, како што посочија од ЗНМ, ќе бидат известени меѓународните новинарски организации кои ги следат правата и медиумските слободи.
„Колегата Серсемов за ова тенденциозно уништување на неговиот личен имот изјави: ‘Ова го сметам за директен удар врз сите медиуми, не само кон мене лично. Дефинитивно е загрозена безбедноста и на членовите на моето семејство’“,
посочуваат од ЗНМ.