Според протоколот, Мицкоски и Фон дер Лајен имаат тет-а-тет средба, по што ќе се одржи и билатерална средба меѓу двете делегации. По состанокот, во пре-центарот на Владата ќе се одржи и заедничка прес-конференција на премиерот и претседателката на ЕК
Премиерот Христијан Мицкоски денеска пред Владата ја пречека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со највисоки државни и воени почести.

Таа е во посета на државава во рамки на нејзината турнеја низ шесте земји од Западен Балкан.
Според протоколот, Мицкоски и Фон дер Лајен имаат тет-а-тет средба, по што ќе се одржи и билатерална средба меѓу двете делегации.
По состанокот, во пре-центарот на Владата ќе се одржи и заедничка прес-конференција на премиерот и претседателката на ЕК.

Предвидено е Фон дер Лајен да има средба и со претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.

Претходно, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски ја пречека Фон дер Лајен, врачувајќи ѝ букет цвеќе за добредојде на Меѓународниот аеродром „Скопје“.
Во пресрет на посетата на Фон дер Лајен на државата, Европската комисија (ЕК) вчера и официјално ја одобри реформската агенда на С Македонија.
Покрај на С Македонија, Европската комисија ги одобри реформските агенди на уште четири земји од Западен Балкан – Албанија, Црна Гора, Косово и Србија. Босна и Херцеговина беше исклучена од пакетот бидејќи поднесе нецелосна реформска агенда до Брисел. ЕК очекува БиХ официјално да ја докомплетира својата реформска агенда, укажувајќи им на властите да го финализираат документот за доброто на сите граѓани.
Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека е импресионирана од работата на земјите од регионот на нивните реформски агенди. Тоа, како што рече, е доказ за нивната посветеност на успехот на Планот за раст и патоказ на ЕУ за приближување на нивните економии кон економијата на Унијата.
Според заменичката на главниот портпарол на ЕК, Аријана Подеста, токму Планот за раст, како и напредокот на земјите од Западен Балкан на европскиот пат се главните теми што ќе се отворат при нејзината посета на регионот.
