„Да не го губиме времето на поделби и прашања кои нè разединуваат, туку посветено да работиме за подобар живот, повисок стандард и да создадеме општество на можности и почит“, порача премиерот Христијан Мицкоски во својата честитка
Да не заборавиме дека државноста е тешко стекната, а не подарена – треба да се брани со демократски инструменти, наместо со оружје, како некогаш, порача претседателката на државата Гордна Сиљановска-Давкова во својата честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

„Идејата-водилка на основачите на Македонската револуционерна организација, коишто пред 131 година визионерски зачекорија по трнливиот пат кон политичка автономија, еволуираше и се доградуваше низ годините. Резултатот е самостојна македонска држава исправена пред нови предизвици. Прославувајќи го Денот на македонската револуционерна борба, да се потсетиме на сите знајни и незнајни херои и на нивните идеали, убедувања и жртви. Денес, кога го живееме нивниот сон, да не заборавиме дека државноста е тешко стекната, дека не ни е подарена и треба да се брани со демократски инструменти, наместо со оружје, како некогаш“,
пишува Сиљановска-Давкова во честитката.
Да се грижиме за татковината, оти друга немаме, да се почитуваме еден со друг, оти без сите нас нема македонска држава, вели претседателката во честитката, додавајќи дека државата треба да им се остави на потомците како што нам ни ја оставиле македонските револуционери.
Честитајќи го Денот на македонската револуционерна борба, премиерот Христијан Мицкоски повика „да се потсетиме на хероите кои ги дале животите за слободна Македонија, но и на заветот кој нè обврзува“.

„Потребно е да работиме за да донесеме иднина, да ја закрепнеме државата, да овозможиме правда и економски просперитет. Народот да живее подобро и секој атом да го насочиме кон создавање на посветла иднина каква што граѓаните заслужуваат. Да не го губиме времето на поделби и прашања кои нè разединуваат, туку посветено да работиме за подобар живот, повисок стандард и да создадеме општество на можности и почит“,
пишува, меѓу другото, премиерот во својата честитка.
Ова, додава Мицкоски, е заедничката битка во остварувањето на целта.
„Нека е честит и вековит денот на Македонската револуционерна борба. На овој ден е формирана и Македонската револуционерна организација. Делото на организацијата која ги носи историските свети букви ВМРО е дело кое се вгради во изградбата на самостојна држава и своја самосвест“,
додава Мицкоски.
Во името на пратениците и во свое лично име, честитка по повод 23 Октомври испрати и собранискиот претседател Африм Гаши. Истакна оти денешната генерација во државата, која ги ужива плодовите на самостојноста и демократијата, денес е исправена пред поинакви предизвици.

„Наша стратешка цел сега е полноправното членство во ЕУ и понатамошното етаблирање во НАТО како рамноправна земја членка. Предизвик за нашата генерација е постојано да ги унапредуваме демократските процеси, стандардите во здравството, образованието и во науката, владеењето на правото, економските и социјални текови и рамноправноста меѓу граѓаните, без разлика на национална, верска, родова или политичка припадност“,
пишува собранискиот спикер во честитката за 23 Октомври.
Значајните датуми од историјата на нашите народи, додава Гаши, се наш потсетник дека треба да дејствуваме сплотено во градење современа и просперитетна држава.
