Законот беше усвоен во март годинава, а на крајот на септември заврши шестмесечниот период предвиден за усогласување со законските одредби од страна на добавувачите и купувачите кои склучиле договори за снабдување на производи

За трговците што нема да го почитуваат Законот за нефер трговски практики од почетокот на идната година ќе следуваат ригорозни казни, најави денеска заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Во следните два месеца, како што вели Ристески, ќе се врши мониторинг врз спроведувањето на Законот што стапи во сила на крајот на септември годинава.
„До Нова година ќе се мониторира спроведувањето на Законот за нефер трговски практики, а потоа ќе следуваат ригорозни казни за оние што нема да ги почитуваат мерките предвидени со ова законско решение. Сите мерки, вклучително и овој закон, се во интерес на граѓаните и во насока на подобрување на животниот стандард“,
истакна Ристески на денешната прес-конференцијата на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.
Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи дополнително треба да ги намали цените на прехранбените производи.
До крајот на овој месец трае и одлуката на Владата за ограничување на бруто-профитната маржа на над повеќе од 70 производи, а со која исто така, беше предвидено намалување на цените.
Со законското решение е опфатена листа од над 2 500 земјоделски и прехранбени производи чиј рабат ќе биде ограничен на 10 отсто, што ќе влијае во намалување на цените во малопродажбата. Покрај ограничен рабат, Законот предвидува трговците да не смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг, репрезентација, како и за истакнување одреден производ на полица.
Законот беше усвоен во март годинава, а на крајот на септември заврши шестмесечниот период предвиден за усогласување со законските одредби од страна на добавувачите и купувачите кои склучиле договори за снабдување на производи.
Во зависност од тежината и значењето на прекршувањето, Законот предвидува казни за најтежок прекршок и полесни прекршоци. Највисокиот износ на казна за најтежок прекршок може да изнесува до 20 000 евра за голем трговец и од 350 до 500 евра за одговорното лице. Највисокиот износ на казна за полесен прекршок што може да се изрече во постапка е 5 000 до 6 000 евра за голем трговец и 350 до 500 евра за одговорното лице.