Со тоа што не ја свика седницата на матичната комисија, како што рече пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, претседателот на Собранието постапи несовесно во однос на своите овластувања и направи кривично дело против службената должност
Опозициската Левица информира дека поднела кривична пријава против собранискиот спикер Африм Гаши поради тоа што постапил спротивно на Деловникот и не свикал комисиска седница за законот за бранители, откако во предвидениот временски рок тоа не го стори претседателката на матичната собраниска комисија.

Со овој потег, како што рече пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, претседателот на Собранието постапил несовесно во однос на своите овластувања и направил кривично дело против службената должност.
„Законот за бранители е заглавен во собраниска процедура откако претседателот на матичната Комисија реши да не свикува седница односно реши да го блокира законот. Во ваква ситуација, кога претседател на Комисија решава да не свикува седница по одреден закон, должност и надлежност на претседателот на Собранието е да ја одблокира законската постапка. Согласно член 126 став 3 од Деловникот, претседателот на Собранието е тој кој треба да ја свика Комисијата и да значи член кој ќе ја води седницата на таа Комисија. Претседателот на Собранието уште пред еден месец во изјава за медиумите рече дека нема намера да го одблокира законот за бранители, дека нема намера да свика седница и до денес таква седница не е свикана“,
изјави пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, на денешната прес-конференција во Собранието.
Во врска со законот за бранители денеска се огласија и од опозицискиот СДСМ, кој беше предлагач на законот.
Оттаму порачаа дека нема да се откажат од носењето на законот за бранители и најавија дека следните денови ќе излезат со конкретни информации за чекорите што ќе ги преземат во врска со ова предлог-законско решение.
„Вчера имавме координација на пратеничката група, разговаравме за идните чекори за законот за бранители. Во следните денови ќе излеземе во јавност со сето она што ќе ги преземеме во однос на овој закон. Не се откажуваме во однос на донесувањето на законот за бранители“,
изјави денеска пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ на прес-конференција во Собранието.
