За евентуални протести, кои членови на ДУИ претходно ги најавуваа поради несогласување со владините политики, како што рече Адеми, не било дискутирано, иако нагласи дека ова прашање е дел од агендата, но сè уште не е на дневен ред
Ограноците на Демократската унија за интеграција (ДУИ) од оваа недела почнуваат со отворени средби со граѓани. На средбите ќе учествува и највисокото партиско раководство. Ова е главната одлука која е донесена на денешната седница на Централното претседателство на ДУИ, за која информира партискиот портпарол Арбр Адеми.

„Во среда ќе има средба организирана од огранокот на ДУИ во Липково во 19 часот, па продолжува во Сарај во рамки на огранок. Ваков тип на средби, на кои ќе учествува и највисокото раководство на ДУИ, ќе се организираат во сите ограноци. Ќе им објасниме на граѓаните за сите политички случувања во земјата и во регионот, за сите овие неуспеси со кои ние се оддалечуваме од Европската Унија. На крајот, секако, нивна волја ќе биде преточена во наши конкретни политички активности и генерално во конкретна политика“,
соопшти портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми, по состанокот на Централното претседателство на партијата.
На состанокот на Централното претседателство, како што додаде Адеми, била анализирана актуелната политичка состојба во земјава и во регионот, пред сè за одвојувањето на С Македонија и Албанија на патот кон ЕУ.
„Централното претседателство изрази загриженост и за меѓуетничките односи, кои се напаѓаат од политиките на оваа моноетничка влада, без легитимитетот на сите етнички заедници. Апелираме и до меѓународниот фактор, кој е потписник на Охридскиот договор, особено до САД и ЕУ, за ангажирање и продолжување на нивниот ангажман за почитување на Охридскиот рамковен договор“,
додаде Адеми.
За евентуални протести, кои членови на ДУИ претходно ги најавуваа поради несогласување со владините политики, како што рече Адеми, не било дискутирано, иако нагласи дека ова прашање е дел од агендата, но сè уште не е на дневен ред.
На новинарско прашање дали најавената поддршка за уставни измени значи и прифаќање на идејата за промена на Уставот со одложено дејство, Адеми рече дека тоа претставува оддалечување од стратешките цели.
„Секој обид за оддалечување, реформулирање на тие обврски што произлегуваат од Преговарачката рамка е обид за да не се реализира нашата стратешка цел. Така што, ние и сега велиме ‘ајде, повелете, да ги процесуираме уставните измени и ќе имате поддршка од ДУИ’“,
рече Адеми.
Меѓу останатите теми, на денешниот состанок било разговарано и за законот за ветинг за кој ДУИ бара да се донесе заради зголемување на довербата на граѓаните пред сè во правосудството.