„Направени се епидемиолошки анкети на сите 16 лица од списокот што е доставен од Зоолошката градина. Денеска е направено тестирање за птичји грип во Одделението за вирусологија на лице што во епидемиолошката анкета има наведено дека еден ден имало симптоми на покачена телесна температура. Тестирано е и второ лице вработено во Зоолошката што денеска се пријавило во ИЈЗ со тековни симптоми. По добиените резултати, двете лица се негативни на птичји грип“, велат од оваа здравствена установа
Негативни се резултатите кај двајца вработени во скопската Зоолошка градина што денеска се тестирани за птичји грип, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Поради појава на птичји грип, од викендов е затворена Зоолошката градината во Скопје.

„Направени се епидемиолошки анкети на сите 16 лица од списокот што е доставен од Зоолошката градина. Денеска е направено тестирање за птичји грип во Одделението за вирусологија на лице што во епидемиолошката анкета има наведено дека еден ден имало симптоми на покачена телесна температура. Тестирано е и второ лице вработено во Зоолошката, што денеска се пријавило во ИЈЗ со тековни симптоми. По добиените резултати, двете лица се негативни на птичји грип“,
се вели во соопштението од ИЈЗ.
ИЈЗ излезе и со препораки до граѓаните во кои се наведува дека речиси сите случаи на инфекција со вирусот се поврзани со близок контакт со заразени или мртви птици.
„Иако можеби имало некои случаи што не биле откриени, се чини дека вирусот не заразува лесно луѓе и не се шири од човек на човек, врз основа на сегашното знаење и разбирање на оваа болест“,
велат од ИЈЗ.
Така, според ИЈЗ, луѓето можат да се заштитат од инфекции од птичји грип во областите со појава на вирусот ако избегнуваат контакт со болни или мртви животни, избегнуваат контакт со животни во фарми, пазари за животни и места каде може да се колат животни, како и да избегнуваат контакт со какви било површини што се чини дека се контаминирани со животински измет.
Посочуваат дека е потребно редовно миење на рацете со сапун и вода.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) преку соопштение информираше дека во Зоолошката градина во Скопје било утврдено присуство на птичји грип кај пцовисана птица. Како што додадоа оттаму, бил спроведен надзор во Зоолошката и било извршено хумано убивање на неколку видови птици.
Оттаму посочија и дека иако Зоолошката детектиралa пцовисано животно уште пред шест дена (на 14.10.2024 година), не постапила по законски процедури, односно не пријавила сомнеж на заразна болест до надлежниот официјален ветеринар. Со ова, од АХВ сметаат дека раководството на Зоолошката градина ги прекршило законските обврски и самостојно доставило примерок до Факултетот за ветеринарна медицина кој бил примен на обработка на 15.10.2024 година.
Претходно, од скопската Зоолошка градина обвинија дека надлежните без каков било доказ убиле десетици птици и обвинија за упад во зоолошката со кој, како што велат, „повторно се потврдува секташката политика на Владата на Христијан Мицкоски“.