„Тој (Мурат Сали н.з.) е земен од г. Ахмети како личност и денеска е пратеник на ДУИ. Дали имал цел, дали е намерно или ненамерно – тоа те асоцира, во слободни асоцијации на Фројд, дека баш зема пратеник кој е Турчин, кој не е претставник на некоја партија или на некоја невладина организација, а е бивш претседател на Уставниот суд и моментално се актуализираат поради првите сто дена на Владата две теми за кои не е моментот во првите три месеци да се разговара“, вели еден од лидерите на коалицијата „Вреди“
Еден од лидерите во коалицијата „Вреди“ и министер за здравство, Арбен Таравари, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, рече дека воопшто не е случајно тоа што поранешниот претседател на Уставниот суд, Мурат Сали, сега е пратеник на ДУИ, а Судот токму во првите сто дена на новата влада ги актуализира прашањата за „балансерот“ и законот за употреба на албанскиот јазик.
Таравари: Замислете, тие два предмета во Уставниот суд стојат од 2018 или 2019 година, не сум сигурен, и сега им требаше сто дена влада за да ги актуализираат веднаш двете теми. Ме прашуваат за пратениците на ДУИ, ’Европскиот фронт’ има и од турска партија, меѓутоа има и еден човек што не е од ниту една партија. Тоа е Мурат Сали. Тој е бивш претседател на Уставниот суд. Во една дебата некој ми рече дека тој е од Турската демократска партија. Не е вистина. Тој не е член на Турската демократска партија. Нема своја партија. Нема ниту невладина организација. Не е предложен од некого. Тој е земен од г. Ахмети како личност и денеска е пратеник на ДУИ. Дали имал цел, дали е намерно или ненамерно – тоа те асоцира, во слободни асоцијации на Фројд, дека баш зема пратеник кој е Турчин, кој не е претставник на некоја партија или на некоја невладина организација, а е бивш претседател на Уставниот суд и моментално се актуализираат поради првите сто дена на Владата, две теми за кои не е моментот во првите три месеци да се разговара.
„360 степени“: Сакате да кажете дека ДУИ го теледиригира ова?
Таравари: Апсолутно. Јас мислам дека ДУИ има влијание, не само во Уставниот суд туку во сите судски органи и генерално во правниот систем во државата. Дефинитивно мислам дека ДУИ го ’тригерира’ ова за да излезе на површина.
На прашањето дали требаше да се бараат механизми за да се ограничи злоупотребата на „балансерот“, а не да се укинува, Таравари рече дека неговото укинување било во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, а имало и стратегија за администрација донесена од Владата, потпишана и од Бујар Османи, Крешник Бектеши, Кренар Лога и уште некој од поранешните министри на ДУИ, која предвидела укинување на „балансерот“.
„Ние се договоривме со ВМРО-ДПМНЕ да причекаме да подготвиме закон, па после да го тргнеме ’балансерот’. И ова ни се случи неочекувано – Уставниот суд веднаш да ги исфрли на површина. Треба да бидеш малоумен и да веруваш дека Уставниот суд случајно и двата предмети – и за употреба на албанскиот јазик и за ’балансерот’ – ќе ги стави во првите три месеци од мандатот на новата влада“,
смета Таравари.