Филипче вели дека ваквиот предлог за изменување и дополнување на Законот за минимална плата е поради моменталната голема економска несигурност и погрешните економски политики на актуелната власт
Покачување на минималната плата на 27 700 денари се предвидува со измените и дополнувањата на Законот за минимална плата што ги предлагаат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
„Со измените предвидуваме минималната плата да се покачи на 27 700 денари, што претставува пораст од 12,3 отсто. Со ова, не само што ќе обезбедиме финансиска стабилност на работниците туку и ќе влијаеме на порастот на просечната плата, што ќе има позитивен ефект врз секое семејство во државата“,
рече Филипче на денешната прес-конференција во Собранието.
Тој додава дека методологијата за усогласување на минималната плата со порастот на трошоците за живот и просечната плата останува и понатаму како дел од овој закон и со тоа, како што рече, се обезбедува сигурен и постојан раст на приходите на граѓаните во иднина.
Филипче вели дека ваквиот предлог е поради моменталната голема економска несигурност и погрешните економски политики на актуелната власт.
„Владата наместо да се бори земјата да остане на патот на економскиот раст и да ги продолжи добрите политики на растот на платите, таа води погрешни економски политики кои во минатото се покажаа како неуспешни. Тоа го констатираше и Светска банка во последниот полугодишен извештај односно дека 2024 година ќе ја завршиме со економски раст од само 1,8 отсто значително под очекуваните 2,5 отсто. Проекцијата за следните две години е дека ќе имаме најниска стапка на раст во регионот“,
рече Филипче.
Според Филипче, во реалноста нема најава дека ќе биде исполнето предизборното ветување на власта дека ќе ја зголеми минималната плата.
Потсетувајќи на висината на потрошувачката кошничка во септември 2024 година која изнесуваше 61 306 денари, Филипче рече дека цените на основните прехранбени производи растат, а куповната моќ на граѓаните значително е намалена.
Говорејќи за посветените политики на СДСМ кои имале за цел да го подобрат животот на секој граѓанин, особено на работниците, Филипче потсети дека владата предводена од СДСМ во период од седум години креирала политики за постојан раст на платите.
„Во 2016 година просечната месечна нето-плата изнесуваше 22 460 денари, додека во мај 2024 година достигна 41 252 денари. Ова е резултат на посветените политики кои имаа за цел да го подобрат животот на секој граѓанин, особено на работниците“,
рече тој.
Притоа, Филипче рече и дека во времето на владата на СДСМ минималната плата беше приоритет и се зголеми од 8 000 денари на сегашните 22 567 денари.
Филипче ги повика Владата и сите пратеници дека ова не е време за застапување на партиски интереси, туку за заштита на интересите на граѓаните. Сите пратеници и од владејачкото мнозинство и од опозицијата, вели Филипче, треба да дадат поддршка на оваа иницијатива, да се издигнат над политичките разлики и да гласаат за подобар животен стандард на работниците.