Минатата недела дел од медиумите објавија изјави на шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи и обвинителот Јован Цветановски за наводни притисоци од државниот јавен обвинител во врска со предмет поврзан со поранешното СЈО и ВМРО-ДПМНЕ
Лажните тврдења за наводни притисоци од негова страна, според државниот јавен обвинител, почнале веднаш по започнувањето на контролата врз работата на ВЈО Скопје. За конкретниот предмет вели дека воопшто не бил опфатен со неа и се споменува само за да му се изврши политички притисок да се повлече од функцијата
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска преку писмена изјава ги отфрли, како што вели, неоснованите тврдења за наводно мешање во предмет во кој повеќе од еден месец постапувало Вишото јавно обвинителство Скопје.
Коцевски во изјавата вели дека за тврдењата за наводни притисоци до овој момент не е презентиран ниту еден доказ, а тие, според него, почнале откако започнал контрола над работата на Вишото јавно обвинителство Скопје.
Иако јавниот обвинител на Република Северна Македонија конкретно не наведува чии тврдења и кој предмет се повод за неговата изјава, сепак, според нејзината содржина, извесно е дека станува збор за предмет поврзан со бонусите на поранешните обвинители на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО). Имено, во јули беше објавено дека дека шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, донел решение со кое ја отфрлил кривичната пријава на ВМРО-ДПМНЕ против ексобвинителите на СЈО, на кои тогашната шефица Катица Јанева им поделила по илјадници евра бонуси за доверливост надвор од платата, со што, според пријавата на партијата, бил оштетен Буџетот за над 4,5 милиони евра. На ваквата одлука ВМРО-ДПМНЕ поднела жалба.
Дел од медиумите минатата недела објавија изјава на шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, во која тој тврди дека на средба Коцевски директно му посочил да внимава како ќе се постапува со конкретниот предмет и во него да не се дава својство на оштетен на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Неколку дена откако стигна предметот по жалба од страна на ОЈО ГОКК, републичкиот јавен обвинител Коцевски телефонски ми се јави и во разговорот што го имав со него во кабинетот ми рече дека треба да бидеме претпазливи во однос на одлуката на Вишото јавно обвинителство во однос на поднесената жалба односно дека не треба да се даде својство на оштетен за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи партијата не е оштетена. Јас на тоа одговорив дека предметот е во фаза на јавен обвинител кој е задолжен со истиот предмет и по негово проучување ќе биде рефериран кај мене и ќе видиме кој е ставот на обвинителот, а јас не можам да се мешам во работата на јавниот обвинител“,
изјави Хајрулахи на 16 септември за ТВ Канал 5.
По предметот, пак постапува обвинителот во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, кој во изјава за телевизијата вели оти бил запознаен со разговорот меѓу Коцевски и Хајрулахи и дека за него пораката од државниот јавен обвинител претставува директна закана, која, сепак, како што додава, нема да влијае на неговата работа.
Коцевски во денешната изјава вели дека од позицијата на функцијата што ја извршува – државен јавен обвинител, имал обврска, првпат после повеќе од четири години, да изврши надзор над работата во Вишото јавно обвинителство Скопје бидејќи до него дошле информации и пресуди од Врховниот суд, кои укажувале на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани, притисоци и недолично однесување кон вработени во Обвинителството. Овие пријави, како што наведува Коцевски, се доставени и до Советот на јавните обвинители, а наводите се документирани и како републички јавен обвинител има обврска да ги провери.
„Контролата во Вишото јавно обвинителство Скопје ја опфаќа работата на сите јавни обвинители во тоа Обвинителство, а обвинителите кои чесно и одговорно си ја вршеле работата немаат ниту реакции ниту стравувања бидејќи знаат дека контролата се спроведува согласно закон“,
вели тој во писмената изјава.
Лажните тврдења за наводни притисоци од негова страна, според државниот јавен обвинител, почнале веднаш по започнувањето на контролата. За конкретниот предмет вели дека воопшто не бил опфатен со неа и се споменува само за да му се изврши политички притисок да се повлече од функцијата.
„Лажните тврдења за наводни притисоци почнаа веднаш по започнување на контролата, што само ми потврдува дека ја преземам исправната работа и од тоа немам намера да отстапам. Конкретниот предмет што се наведува воопшто не е предмет на контрола и се споменува само за да се издејствува политички притисок и да ме натера да се повлечам. Но, тоа во ниту еден момент нема да се случи! Кога ја презедов функцијата јавен обвинител дадов заклетва дека оваа функција ќе ја вршам чесно и одговорно и ветување дека ќе ја вратам довербата во јавнообвинителската организација. Тоа и ќе го направам. Сите сознанија до кои ќе дојдам по извршената контрола и сите информации кои деновиве продолжуваат да пристигнуваат до мене имам намера да ги објавам веднаш по завршување на соодветните постапки предвидени во Законот за јавното обвинителство“,
вели Коцевски.
До крајот на овој месец тој најавува контроли и во сите останати виши јавни обвинителства и во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Инаку, освен скопското, виши јавни обвинителства има и во Битола, Гостивар и Штип. Вели оти очекува нападите кон него да продолжат со уште поголем интензитет.
„За сите контроли задолжени се јавните обвинители од републичкото обвинителство распоредени како координатори за соодветните обвинителства со редовен годишен распоред. Според задолженијата, тие ќе треба да го проверат предметното работење на сите јавни обвинители во предметите во кои обвинителите се откажале од жалба или од обвинение. Затоа очекувам нападите кон мене да продолжат со уште поголем интензитет, особено од страна на лица кои со вакви обвинителски одлуки се спасиле од кривичен прогон додека граѓаните очекувале правда“,
наведува републичкиот јавен обвинител во изјавата.
Тврдењата за наводни притисоци од Коцевски минатата недела, одговарајќи на новинарски прашања ги коментираше премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека е шокантно тоа што го прочитал во медиумите.
„И ако е тоа навистина така, мислам дека и државниот јавен обвинител треба да излезе и да објасни во јавноста што е вистината и мислам дека ако е ова точно и ако се потврди како точно, бидејќи се сеќавате ние уште писмото на Катица Јанева од затвор не сме го виделе. Се сеќавате, тоа писмо што од затвор го пишуваше Катица Јанева овозможи овие процеси што беа дел од поранешното СЈО кое, знаете, се распадна поради една чанта од марката ‘Луј Витон’ полна со странски валути, продолжија да функционираат и ние како политичка партија сме се уште жртва на системот. Имаме блокиран имот, честопати блокирана сметка, иако е јасна пресудата од вториот степен, односно од Апелација, што треба да се направи. Така што, има многу работи за кои треба да се даде објаснување. Исто така, треба да се даде објаснување и од оние материјали што беа констатирани за снимање разговори на обвинители, судии, па тогашниот министер за внатрешни работи нешто друго зборуваше. Има многу работи за кои јавниот обвинител треба да даде одговор“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на ново училиште во скопската населба Ченто на 18 октомври.
Инаку, премиерот во своите јавни настапи периодов зборува за потребата реформи во обвинителството и во судството, што беше и едно од предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ, од кои најголем внимание предизвикаа најавите за распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители.
Што се однесува до работата на републичкиот јавен обвинител, Мицкоски во јавните настапи по повод 100 дена од новата влада, рече дека нивната стратегија како Влада во однос на овие реформи е да им се даде шанса на актуелниот републички јавен обвинител, судиите и обвинителите да работат според закон, за да не излезе дека новата власт сака да партизира со поставување на луѓе за кои сметаат дека ќе испорачаат одлучна и ефикасна битка со криминалот и корупцијата.
Но, таа шанса, како што посочи премиерот, нема да биде во недоглед и може да трае одредено време. Досега, како што кажа, бил разочаран во неколку случаи бидејќи според него се постапува калкулантски и според навигација добиена од други центри.