Највозрасната учесничка на турата била жена на 74-годишна возраст. Меѓу нив имало самохрани мајки, некои мајки биле со своите бебиња, а имало и ќерки со своите мајки
„Титов Врв со панделка“, вака е насловена планинарската тура до највисокиот врв на Шар Планина наменета само за жени. На врвот се искачија стотина планинарки од повеќе клубови низ државата. Организатор е планинарскиот клуб „Х2О“ од Скопје.
Поводот за оваа планинарска тура што се одржа во саботата беше месецот октомври, кога се одбележуваат настани за подигање на свесноста за ракот на дојка.
„Акцијата ја започнавме во услови на намалена видливост и иако во одредени моменти помислувавме дека можеби треба да се откажеме и вратиме, надежта и истрајноста ни покажаа дека кога нешто сакате силно и искрено целиот универзум се сплотува и соработува во ваша корист“,
изјави Сибел Јакуповиќ, планинарски водич.
Највозрасната учесничка на турата била жена на 74-годишна возраст. Меѓу нив имало самохрани мајки, некои мајки биле со своите бебиња, а имало и ќерки со своите мајки.
„Имаше жени кои покрај сите здравствени и животни предизвици извојуваа уште една борба со себе. Имавме жени кои извојувале победа над ракот на дојка, имавме жена која со вештачки колк ни одржа лекција за тоа што значи да си жена и да си борец“,
посочи Јакуповиќ.
Организаторките сакаат и да ја подигнат свесноста за тоа што значи движење во група и каква е целта на оваа акција.
„За сите наши борки огромна благодарност, за сите вас што не се откажавте, за сите вас што покажавте трпение, емпатија, разбирање, за сите што се грижевте за вашите другарки, пријателки, сестри, ќерки, мајки, ви благодариме за учеството. Вие сте ни мотивацијата за овие акции“,
порача Јакуповиќ.
Акцијата e поддржанa и од Федерацијата за планинарски спортови.