На прашањето дали се планира покачување на платите само на наставниците, премиерот потенцира дека зголемувањето на личниот доход се подразбира за сите, вклучително и за техничкиот персонал
По оценката на опозицискиот СДСМ дека извештајот на Светска банка за Македонија е катастрофален, премиерот Христијан Мицкоски излезе со став дека единственото нешто што е катастрофално во државата е состојбата која СДСМ ја остави по седум години „разбојничко управување со државните ресурси“.
„Единственото нешто што е катастрофално во Македонија е состојбата којашто СДСМ ја остави после седум години разбојничко управување. Она што го прави оваа влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е сето тоа да го консолидира. Јас сум повеќе задоволен што слободното паѓање го сопревме“,
рече Мицкоски одговорајаќи на новинарски прашања по посетата на Фестивалот на смоларски костен во Ново Село.
На прашањето дали се планира покачување на платите само на наставниците, премиерот потенцира дека зголемувањето на личниот доход се подразбира за сите, вклучително и за техничкиот персонал.
„Зголемувањето на личниот доход подразбира за сите, вклучително и за техничкиот персонал, сите оние кои не се наставници, професори во основното и средното образование. Ќе ги потсетам сите оние кои се вработени во образованието дека октомвриската плата, како што ќе биде ислатена сега во ноември, ќе биде повисока за пет проценти, потоа почнувајќи од мартовската плата од 2025 година која ќе биде исплатена во април 2025, ќе има седум проценти зголемување, од март 2026 година помеѓу седум и пол и десет проценти, во зависност од состојбата на буџетот“,
додаде Мицкоски.