„Од изутринава без налог, решение или било каков друг доказ инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство придружувани од лица со оружје упаднаа во ЗОО Скопје и извршија масакр врз птиците“, соопштија од Зоолошката градина

Од скопската Зоолошка градина се огласија попладнево по информациите дека кај птица што слетала во езерцето е пронајден птичји грип. Оттаму тврдат дека надлежните без каков било доказ убиле десетици птици.
Обвинија за упад во зоолошката со кој, како што велат, „повторно се потврдува секташката политика на Владата на Христијан Мицкоски“.
„Имено, од изутринава без налог, решение или било каков друг доказ инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) придружувани од лица со оружје упаднаа во ЗОО Скопје и извршија масакр врз птиците. Без образложение, овие лица по наредба на директорот на АХВ, а без доказ до овој момент убија неколку десетици птици кои слободно се шетаа во зоолошката градина. Станува збор за украсни видови на шатки и гуски кои живеат во Градскиот парк, а имаат природен пристап во зоолошката градина од Градскиот парк. Целта на оваа секташка политика е да се предизвика нов измислен проблем и да се обезбеди алиби за затворање на ЗОО Скопје со цел наштетување на угледот. За ова дело ЗОО Скопје ќе поднесат кривични пријави против директорот на АХВ, како и до инспекторите и лицата кои со оружје упаднаа во ЗОО Скопје“,
соопштија од Зоолошката градина.
Претходно, поранешниот директор на Зоолошката градина Скопје, Ѓорѓи Галетановски, на својот фејсбук-профил објави дека во скопската зоолошка е пронајдена, како што вели, смртоносна бактерија „птичји грип“.
Во објавата тој напиша дека зоолошката сега е затворена, а посетителите се евакуирани.
„Смртоносна бактерија ‘птичји грип’ е најдена во Зоолошка градина Скопје. Во моментов зоолошката е затворена, посетителите евакуирни, инспектори се веќе влезени. Ги замолувам посетителите и колегите, сите што ја посетиле деновиве, да се проверат“,
напиша Галетановски.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство за МИА потврдија дека во Зоолошката градина се нивни инспектори, но и дека таму се изведуваат технички зафати. Засега не се соопштува која е причината за присуството на инспекторите во Зоолошката градина. АХВ најави дека во текот на денот ќе ја информираат јавноста преку соопштение.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андонова, за МИА вели дека до попладнево не добиле известување од Агенцијата за храна и ветеринарство оти има потреба нивни екипи да излезат на терен и да направат епидемиолошки анкети со вработените во Зоолошката градина.
„Тоа може да се случи само доколку болеста или, како што се прошири во јавноста, ‘птичјиот грип’ се пренесува на луѓе. Ние сме подготвени доколку е потребно веднаш да излеземе на терен“,
изјави Андонова за МИА.
Портaлот „sdk.mk“ објави дека според вработени во зоолошката, од Агенцијата за храна и ветеринарство е утврден птичји грип кај гуска што долетала во езерцето однадвор. Инспектори од Агенцијата извршиле увид, по што, како што раскажуваат вработените, убиени се сите птици кои се наоѓале во езерото поради контакт со заразената гуска. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, пак, за порталот не сакал да потврди дали станува збор за случај на птичји грип најавувајќи дека ќе има официјално соопштение.
„360 степени“ се обиде да стапи во контакт со раководството на Зоолошката градина, но директорот не одговараше на нашите телефонски повици.