Градоначалничката на Град Скопје, Данела Аросовска, ја ситни последната година од мандатот, а скопјани не можат да видат ниту еден реализиран проект, освен натрупани проблеми, обвинуваат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Советничката во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Анета Марковска Илиевска, вели дека во лавиринтите на Арсовска се заглавени пари на народот, а таа не ги користи за да им го олесни живеењето во главниот град.
„Еден од тие проекти е и изградбата на булеварот ‘Хасан Приштина’. Станува збор за капитален проект на кој на сметка на Градот се легнати десет милиони евра. Булеварот ‘Хасан Приштина’ или, како што е oпштопознат, Качанички пат, во Визбегово до скопската обиколница, е од огромна важност со цел растеретување на сообраќајот во овој дел на градот. Според проекциите, во моментот кога за овој булевар се одвоени народни пари, истиот требаше да биде готов до февруари годинава. Наместо да биде готов, годинава булеварот не е ни почнат. Мозокот на неспособната Арсовска очигледно не работи во насока како да ги заврши проектите во корист на граѓаните“,
вели Анета Марковска Илиевска, советничка во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.
Според Марковска Илиевска, очигледно е дека на Арсовска ѝ се важни само личните калкулации.
„Според информации во јавноста, парите наместо за булевар се вртеле за други намени, за истиот се правеа тендери за избор на фирми кои ќе го градат, иако има институции што се занимаваат со тоа. Додека Арсовска не ги користи парите кои ги има на сметка за да го подобри живеењето на граѓаните, Владата додели средства за 270 проекти за сите општини во Македонија во вредност од нешто повеќе од четири милијарди денари, што е само прв бран на инвестиции во општините. На неспособната Арсовска ѝ се гледа крајот на владеење со Скопје, ама затоа стартуваше промена на секоја педа на државава во корист на народот“,
рече Марковска Илиевска.