Според министерот за локална самоуправа Златко Перински, посоодветно е локалните самоуправи да работат на зголемување на квалитетот на живот на граѓаните, а не да одвојуваат средства за нешто што едноставно нема да има функција во годините што следуваат
Откако четирите општини Тетово, Гостивар, Желино и Чаир најавија дека ќе го финансираат работењето на здружението „Албанска академија на науките и уметностите“, министерот за локална самоуправа Златко Перински, во интервју за МИА, вели дека законска можност за такво нешто нема.
Според Перински, посоодветно е локалните самоуправи да работат на зголемување на квалитетот на животот на граѓаните, а не да одвојуваат средства за нешто што едноставно нема да има функција во годините што следуваат.
„Во суштина тоа е строго опишано во Законот за локална смаоуправа во членот 11 кој вели дека приходите на локалните самоуправи треба да се трошат исклучиво за надлежностите кои се утврдени согласно Законот, што во превод значи дека Законот сака да каже дека сите средства што општината ги колектира по било кој основ, ги распределува преку усвојување на одлуки и буџети на седница на Совет и треба да бидат исклучиво насочени за спроведување и реализација на основните законски надлежности на самата локална самоуправа. Во тие надлежности, Албанска академија на науките и уметностите не стои. Општината има можност да финансира здруженија и невладини организации, но и тие здруженија и невладини организации треба на некој начин да ги спроведуваат основните надлежности за кои таа локална самоуправа постои, што значи дека ако точно се чита законот, законска можност за вакво нешто нема“,
рече Перински.
Министерот посочи дека академиците од Македонската академија на науките и уметностите, кои се од другите етникуми, јавно кажале дека пристапот е погрешен.
„Несоодветно е да се генерираат проблеми таму каде што ги нема бидејќи имаме други реални проблеми што треба на дневна основа да ги решаваме и како централна, но и како локална власт“,
вели Перински.