На прашањето зошто таткото на Вања бил сомнителен, началникот рече дека тогаш сите им биле сомнителни и го анализирале и движењето на Ѓорчевски. Една индиција, како што рече, била кога виделе дека тој со своето возило возел кон Качанички пат. Кога го прашале зошто оди по тој пат, рекол дека мисли оти Вања е изнесена надвор од државата и дека бил најкраткиот пат до граница. Друга индиција, како што рече началникот, е порака што ја нашле во телефонот на Зорица, мајката на Вања, од принтскрин од разговор меѓу Александар и Вања, каде што тој ѝ вели да биде топло облечена утре (на денот кога исчезна)
Сомневањето кон таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, прво потекна од обвинетите Велибор Манев и Боре Видевски, кои ни кажаа дека и таткото е инволвиран. Ова на денешното рочиште во Кривичниот суд Скопје, во улога на сведок, го изјави Дејан Димовски, началник на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје.
Одговарајќи на директно прашање од првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, што конкретно слушнал од Велибор Манев за комуникацијата меѓу него и таткото на Вања, началникот рече дека тоа било кажано на прашање од каде знаеле дека тој ден девојчето ќе оди само на училиште.
„На наше прашање ‘како знаевте дека девојчето ќе оди само’, кога го прашавме како знаеле кога ќе излезе девојчето, рече ‘Палчо знаел од таткото’“,
изјави началникот.
Прашан дали освен тоа пронашле каква било друга комуникација меѓу Палчо и таткото на Вања, сведокот рече не.
На прашањето зошто таткото на Вања бил сомнителен, началникот рече дека тогаш сите им биле сомнителни и го анализирале и движењето на Ѓорчевски. Една индиција, како што рече, била кога виделе дека тој со своето возило возел кон Качанички пат. Кога го прашале зошто оди по тој пат, рекол дека мисли оти Вања е изнесена надвор од државата и дека бил најкраткиот пат до граница.
„Тој, да не кажам, како да ги предвидуваше работите“,
изјави тој.
Друга индиција, како што рече началникот, е порака што ја нашле во телефонот на Зорица, мајката на Вања, од принтскрин од разговор меѓу Александар и Вања, каде што тој ѝ вели да биде топло облечена утре (на денот кога исчезна).
„Во разговор со Зорица, Александар ѝ рекол дека ако е киднапирана, не е проблем за пари, дека ќе најдат од некој Хари, само колку пари треба да кажат. Друг индикатор е дека Александар ја згрешил групата и во групата на родители пратил порака што потоа ја избришал. Од сведочења на родители во групата, пишувало: ‘Кажете само колку пари треба’“,
додаде началникот.
Во своето сведочење началникот изјави дека на почетокот на истрагата мислеле дека Вања доброволно влегла во некое возило и дека го напуштила домот сакајќи, на некој начин, да ги казни родителите. Ваквиот став полицијата во тој момент го темелела на тоа дека немало логика девојчето да е киднапирано бидејќи немало барање за откуп.
На прашање од адвокатот на таткото на Вања, Владимир Туфегчиќ, како го извеле заклучокот дека девојчето не е киднапирано и дека можеби „сака да ги казни родителите”, началникот рече дека во разговорите со родителите, меѓу другото, добиле информација дека Вања еднаш се обидела да се исече со тврд предмет.
„Од нивните разговори дознавме дека таа еднаш се обидела да се сече со тврд предмет. Имало ситуации на несогласувања меѓу нив. Добро паметам, девојчето Миња (сестрата на Вања) рече – ‘се сеќаваш еднаш кога се боцна’, и Зорица рече – ‘да, да’. Тогаш дојде индиција дека, ете, може сакала да ги казни и да избега, за да ги смири“,
рече сведокот.
Сведокот Дејан Димовски во тоа време работел како началник на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје, а за настанот бил известен вечерта на 27 ноември 2023 година откако од скопската полиција добил повик да вклучат во случајот бидејќи имало изјави од родителите оти девојчето може да е киднапирано.
„Се собравме во СВР Скопје. Имаше доста нелогичности и нас не ни беше јасно. Ги повикавме родителите, наставничката, директорката, педагогот… Ни беше доста нејасно како може веднаш да се алармира дека е киднапирано девојчето. Нормално би било прво да видат дели е кај некоја другарка или друго“,
изјави началникот.
Два дена од истрагата полицијата посветила и на испитување на околностите околу наводното виртуелно момче на Вања од Албанија кое живеело во Шведска. За момчето знаеле и родителите и соучениците на Вања.
„Мајката дури ни кажа дека и таа разговарала со него, виртуелно. Од соучениците дознавме дека еднаш дури и се скарале, така виртуелно, за тоа зошто тој или таа се гледала со друг. Помисливме дека нешто се случило, па го проверуваме и видовме дека тоа лице има слика од ИСИС на својот профил… Сакам да кажам, изгубивме многу време во испитување на тоа. Речиси два дена“,
додаде началникот.
Од истрагата на терен, како што рече началникот, според видеоснимките од камерите, утврдиле дека не постојат шанси девојчето физички да ја напуштило зградата и дека мора да било земено со возило, зашто, како што рече, во тој случај сигурно ќе била забележана на некоја од снимките од безбедносните камери. На почетокот мислеле дека дури и доброволно влегла во некое возило и на видеоснимките од камерите барале возило со девојче во него.
„Да излезеше пеш, некоја од камерите сигурно ќе ја фатеше. Нашата прва претпоставка беше дека дошло возило и таа доброволно влегла. Зошто доброволно? Затоа што е 7:20 часот и е прилично раздвижено. На камерите се гледа дека има двајца комуналци кои метат. Да била насилно однесена ќе побарала помош и тие ќе се свртеле“,
изјави сведокот.
Прашан дали на која било камера бил виден првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо, началникот одговори потврдно, на неколку локации од камерите на „Сејф сити“.
Од таткото на Вања, како што рече началникот, постојано биле брифирани со информации и фотографии. На 1 декември, два дена пред наоѓањето на телото на Вања, Ѓорчевски им доставил и видеоснимки на инспекторите на кои се гледа „ситроенот“ со кој беше грабната Вања, а кој нејзиниот татко го посочил како сомнително возило.
„Тоа беа слики од камери кои ние веќе ги имавме, но го посочи како сомнително (возилото). Колегите го проверија, немаше ништо посебно, но се јавија во ‘Сејф сити’ и излезе дека е запалениот ‘ситроен’. И тогаш се јавив кај колегите што го водеа тој случај“,
додаде сведокот.
Како интересно, началникот го посочи и тоа што таткото на девојчето во разговор со нив рекол дека девојчето може да е во друг град. Ги споменал Охрид и Велес. Во тој момент полицијата веќе лоцирала дека запалениот „ситроен“ е од Велес. Така било најдено и „кангуто“, кое било паркирано пред партијата Десна на Палевски.
„Баравме налог за претрес, но, бидејќи се работи за политичка партија, прилично доцна влеговме. Внатре беа тројца, меѓу кои Кешишов, кој, кога прашавме каде е претседателот на партијата, ни рече дека е во Турција поради проблеми со ‘рбетот. Тука беше и адвокатот Васко, кој рече дека тој го возел (Палчо) до Белград“,
додаде.
Во разговорот, Кешишев повеќепати го споменал и обвинетиот Велибор Манев од Велес, за кој подоцна се утврдело дека му е сосед на убиениот 74-годишен велешанец Панче Жежовски. Иако во повеќе наврати се колебал, плашејќи се дека луѓето на Палчо од полиција ќе му наштетат, Кешишев одлучил да ги однесе инспекторите до селото Бразда, до местото каде што е закопана Вања.
„Не ни зборуваше, само покажуваше со глава. Застана на едно место со расфрлени перници и чаршафи. Почнавме да копаме. И тогаш го најдовме девојчето. Веднаш се јавивме и известивме обвинител“,
изјави началникот додавајќи дека Вања била во облеката во која е пријавена за исчезната, со врзани раце и носе и лента на устата.