„На 1 септември Христовски напиша: Нека е честит празникот на петтиот и последен роденден на Агенцијата за национална безбедност. Се поставува прашањето дали тој по партиски налог ќе работи на уништување на АНБ“, вели Илиевски
Итно разрешување на Бојан Христовски и назначување нов директор на Агенцијата за национална безбедност, со што ќе се вратат професионализмот и довербата во оваа институција, бараат од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) откако пред два дена од директорската позиција во АНБ е разрешен Зарко Милошевски и на негово место е именуван Бојан Христовски, како поранешен претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Скопје.
„Наместо професионалец, на чело на АНБ власта поставува партиски човек, претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и активен пропагандист на власта. Тоа го потврдуваат и многубројни објави, фотографии и натписи на неговиот фејсбук-профил. Буквално секој негов пост е посветен на ДПМНЕ и во функција на пропагандата на Мицкоски“,
рече на прес-конференција Методија Илиевски.
Според него, на политички и партиски кадри не им е место во АНБ, која треба да остане независна институција, што ќе работи за доброто на граѓаните, а не за интересите на една партија и еден човек, како ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски.
„Христовски го има на слики речиси во сите партиски штабови на ДПМНЕ во Скопје. Може да се види многу горд на слика со Мицкоски, со Сиљановска и како ревносно ги пропагира политиките на неговата партија. Буквално нема политичка, ниту некаква професионална објава на Христовски, сите му се партиски. Тоа се гледа и во неговите последните објави. На 25 септември со слика пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ објави дека ‘ја чува организацијата‘. Затоа смешни се изјавите на Мицкоски дека тој се деполитизирал. Тоа е лага“,
вели Илиевски.
Некои од објавите на Христовски, како што вели Илиевски, се загрижувачки и покажуваат какви се неговите скриени намери против самата институција на чие чело е поставен.
„На 1 септември Христовски напиша: Нека е честит празникот на петтиот и последен роденден на Агенцијата за национална безбедност. Се поставува прашањето дали тој по партиски налог ќе работи на уништување на АНБ“,
велат од СДСМ.
Според него, во член 10 од Законот за АНБ јасно стои дека директор на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера во телевизиско гостување рече дека директорот на АНБ бил разрешен оти не му праќал извештаи, додека истите ги добивале лица што не се во формалниот политички живот, ниту во институциите. Посочи дека кога го добил првиот извештај, личел како вести што претходниот ден ги читал на порталите. Тогаш, сфатил дека имаме сериозен проблем со националната безбедност и оти се потребни промени.