Освен помош за проектите, општинската власт во Гостивар ѝ понуди и „математичка помош на Арсовска“ откако скопската градоначалничка, реагирајќи оти Владата ѝ ги одбила проектите, меѓу другото, рече дека Општина Гостивар, како најзадолжена општина во државата, за проектите за кои конкурирала ќе добие 2,7 милиони евра иако, како што рече, должи над 108 милиони евра потрошени од буџетот
Општина Гостивар ѝ понуди помош на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, за изработка на проекти со кои може да аплицира на продолжениот повик на Владата и оцени оти е неспособна да конкурира за средства за капитални проекти за скопјани.

„Претпоставуваме дека нервозата на Арсовска се должи на нејзината неспособност да аплицира за средства за општините. Тоа не е ништо ново – додека другите општини успешно ги завршуваа своите проекти, Арсовска е заглавена во административни пропусти. Затоа, како тим од Општина Гостивар, нудиме помош во изработка на проекти, и тоа на волонтерска база – за доброто на граѓаните на Скопје. Не е срамота да се побара помош кога не можете сами да го направите тоа што сте ветиле“,
пишуваат во писменото соопштение од Општина Гостивар.
Реакцијата на Гостивар следува откако скопската градоначалничка, реагирајќи оти Владата ѝ ги одбила проектите, меѓу другото, рече дека Општина Гостивар, како најзадолжена општина во државата, за проектите за кои конкурирала ќе добие 2,7 милиони евра иако, како што рече, должи над 108 милиони евра потрошени од буџетот.
Освен помош за проектите, општинската власт во Гостивар ѝ понуди и „математичка помош на Арсовска“.
„Градоначалничката очигледно има проблем со разбирање на бројките. Според неа, долгот на Гостивар изнесува астрономски 108 милиони евра, но вистинската бројка е далеку поскромна – 9,1 милион евра. Ваквите неосновани обвинувања само ја отсликуваат нејзината несериозност и неспособност да се справи со фактите“,
додаваат оттаму.
Тука сме, велат од Општината, да ѝ помогнеме и „да ѝ го покажеме на Арсовска патот во земјата на чудата во која очигледно се наоѓа“.
„Ѝ честитаме на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска која, освен креирање на врева, за ништо друго не ја бива. Наместо реализација на конкретни проекти и унапредување на животот на скопјани, нејзиното мандатско наследство останува празно и безначајно. Скопје, како главен град, заслужува модерни решенија, но за жал, во рацете на Арсовска секој проект се претвора во мистерија“,
велат од Општина Гостивар.