Во следниот период ќе се договара координиран пристап во однос на здравствените протоколи, транзитот и патувањата во текот на летото, особено откако дел од соседните земји веќе најавија отворање на границите
Од денеска започнуваат регионалните состаноци на владите и институциите на Балканот за да се договори координиран пристап во однос на здравствените протоколи, транзитот и патувањата во текот на летото, особено откако дел од соседните земји веќе најавија отворање на границите.
Овие средби се иницирани откако Европската комисија вчера излезе со пакет мерки кои упатуваат на ваков координиран пристап во однос на намалување на рестриктивните мерки во рамки на ЕУ.
Министерот за здравство Венко Филипче овие средби денеска ги почнува со грчкиот министер со кого, како што најави, ќе разговараат за досегашното менаџирање на кризата, како и за подготовка на здравствениот систем за следниот период кога се очекуваат нови пикови, за отворање на границите и аеродромите, бидејќи со тоа ќе се отвори транзитниот коридор север-југ кој е многу оптоварен во лето.
„Имаме повеќе отворени прашања. Кои ќе бидат иницијалните ставови? Сега предвид доаѓа тестирање кое можеби е во важност неколку дена. Но, сепак не е гаранција, може да е некаква сигурност. Се поставува прашањето – кои резултати, чии резултати, какви тестови и колку време треба да важат. Понатаму, што ако околните земји имаат некаква друга политика. Верувам дека ова ќе биде една добра координативна средба за да се иницира понатаму и тој заеднички состанок на земјите во регионот. Министерот за надворешни работи е целосно во тек и на тоа ниво се разговара, и во земјите на ЕУ и на ниво на регионот“,
рече Филипче.
Во овој контекст, Филипче објасни дека е донесена одлуката за патувања на функционерите, кои, како што рече, се само во контекст на овие координирани активности за олабавување на мерките за што е потребен регионален пристап. Уште еднаш потенцира дека тие ќе бидат во согласност со протоколите на Комисијата за заразни болести.