Инспектори за животна средина на Град Скопје му поднесле кривична пријава на З. М. од Бутел, кого денеска го затекнале како исфрла големи количини отпад во близина на Визбегово. Тој ќе биде гонет за предизвикување значително оштетување на квалитетот на воздухот, водата и почвата, односно опасност за животот и здравјето на луѓето, дело казниво со затвор од четири до десет години.
Од Град Скопје велат дека на територијата на Скопје има вкупно 14 институции кои имаат надлежност и обврска да постапуваат во вакви ситуации, нагласувајќи дека за време на викендот инспекторите за животна средина на Град Скопје, како и комуналните инспектори имаат санкционирано над 20 сторители.
Оттаму додаваат дека годинава имаат поднесено повеќе кривични пријави за исфрлање на опасен отпад и загрозување на животната средина против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад.
„Апелираме до Владата на овој проблем да му пристапи сериозно, да реагира на пријавите на Град Скопје за поажурно контролирање на нелегалното исфрлање на отпад низ градот што е казниво и според Кривичниот законик на Р. Македонија, но и едновремено да ги ангажира и останатите надлежни институции, да започнат да постапуваат за детекција и санкционирање на сторителите“
се наведува во соопштението од Град Скопје.