Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на 162. Пленарна седница во Европскиот парламент во Брисел, посочила дека најголемиот предизвик со кој се соочуваат општините во Македонија е мешањето на политиката и на централната власт во работењето на локалната самоуправа.
Таа во своето обраќање, како што информираат од нејзиниот кабинет, истакнала дека под прашање е доведено самостојното дејствување на локалните власти кои се под финансиски и политички притисок од повисоките структури.
„Главни предизвици со кои се соочува локалната самоуправа се политичкото мешање во нивната работа и обиди за влијание врз независноста и интегритетот на локалните институции од страна на централната власт, но и ограничените финансиски ресурси и капацитети. Тековните напори за унапредување на децентрализацијата, подобрување на локалното управување и поттикнување меѓуетничка соработка ќе бидат од суштинско значење за градење стабилно, демократско и просперитетно општество кое ќе се усогласи со вредностите и стандардите на ЕУ. Локалната власт во Македонија е составен дел на процесот на интеграција на земјата во ЕУ и на севкупната рамка на управување. Локалните власти значително можат да придонесат кон аспирациите за членство во ЕУ, за што е неопходно зајакнување на локалните институции, промовирање на граѓанскиот ангажман и справување со уникатните потреби на локално ниво“,
посочила во своето обраќање градоначалничката на Скопје.

Арсовска пред форумот укажала дека оваа година има значителен пад на статусот на жената во локалната власт, а младите девојки и жени се обесхрабрени да учествуваат, знаејќи дека немаат системска поддршка и заштита од родово базираното насилство.
„Поради говорот на омраза, сајбер-насилството, закани и континуираната загриженост за личната безбедност, бројот на жени градоначалници во Европа падна од 25 на 16%, во земјите од Југоисточна Европа на 8,3%, додека во Македонија на рекодно најниско за Европа на 2 отсто“,
истакнала Арсовска.