Надлежниот јавен обвинител побарал осомничениот да биде задржан, а судијата на претходна постапка поради околности кои укажуваат на опасност од бегство го прифатил предлогот и му одредил притвор во траење од 30 дена
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против лице осомничено за две одвоени кривични дела – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори според член 215 став 1 од Кривичниот законик.
На 27 септември, под возачкото седиште во автомобил, осомничениот 52-годишник држел пет кесички марихуана со вкупна маса од 18,83 грама.

Потоа, полициски службеници извршиле претрес во уште два автомобила и во гаража на осомничениот, каде што пронашле околу 125 грама марихуана во повеќе пакувања, семки од канабис, 3 кесички кокаин, 1 кесичка хероин и вкупно 18 таблети психотропна супстанција МДМА, наменети за неовластена продажба. Наркотичните супстанции, заедно со две дигитални ваги со траги од дрога, се запленети.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, а во исто време очигледно е дека осомничениот го повторува делото. Судијата го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.
